4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Силјановска присуствуваше на дебата на тема „Прва жена претседателка“?

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова денеска имаше средба со граѓани што имаат различна политичка определба, кои во „Јавна соба“ организираа дебата на тема: „Прва жена претседателка“?, на која зборуваа професорките Каролина Ристова-Астеруд и Елка Јачева-Улчар, како и режисерот Јани Бојаџи.

Како што велат од штабот на Силјановска-Давкова, дебатата отворила прашања што досега ниту медиумите не успеале да ги отворат, а за нив малку се зборувало јавно.

Сржта на дебатата се состоеше во разгледување на разните влијанија што учеството на Силјановска-Давкова ги има на овие избори. Додека Јачева-Улчар зборуваше како Силјановска со својата кампања, ставовите и мислењата влијаела на промената лична кај неа и врз македонскиот јазик, кој откако е Силјановска-Давкова кандидат, почесто користи фиминитиви, особено за професиите, режисерот Јани Бојаџи зборуваше за кампањата, како и за што треба да очекува Силјановска-Давкова бидејќи ќе стане претседателка на пропадната држава според дефиницијата на Фукојама.

Професорката Ристова-Астеруд ја нарече game changer кандидат, кој прави пресврт зашто има либерални вредности, а ја поддржува десничарска партија, што значи влијае на еволуцијата на политичкиот плурализам. „Со прашањата што ги отвора во кампањата, со самата кампања и секако со тоа што ги тера луѓето да размислуваат да гласаат за жена кандидат, Силјановска прави промена“. Таа истакна дека професорката Силјановска-Давкова е една автентична феминистка од почетокот на нејзиното женско битисување. И тоа го докажува преку својата работа и на факултетот и во своите граѓански ангажмани, па дури и во своите епизодни политички ангажмани“. Таа нејзина посветеност на женските прашања се огледува и во нејзината програма каде што се забележува дека правичната застапеност ќе се применува и од родова перспектива и во именувањето на амбасадорите, изборот на членови на Советот за безбедност, судиите во Уставниот суд, одликувањата и, конечно, во спроведувањето на Конвенцијата 1325 на ОН за жени, мир и безбедност.

Многубројни граѓани и поддржувачи зедоа збор во дискусијата, од членови на Сенатот на УКИМ, кои се одлучиле да ја поддржат Силјановска-Давкова затоа што таа искрено и без страв го кажува својот став, кој е информиран и основан на нејзините вредности и принципи, и оттука се сигурни дека никогаш нема да биде политички полтрон. Други граѓани истакнаа дека Силјановска ги освоила поради начинот на кој го разбира и ќе го применува принципот на правична застапеност, а на крајот заклучија дека стручноста и компетенциите треба да се основа за избор во сите области за да може земјата да ги спроведе реформите и да ги исполни Копенхашките критериуми. Конечно, со избор на жена за шеф на државата може да се очекува и напредок на индексот за родова рамноправност, кој го мери и овој индикатор.