6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Првиот филм на Марија Џиџева „Втора шанса“ го отвори Скопскиот филмски фестивал

По синоќешното свечено отворање на 22. издание „Скопје филм фестивал“ во полната сала на кино „Милениум“ со светската и македонска премиера на играниот првенец на режисерката Марија Џиџева, денеска се одржа прес-конференција посветена на филмот „Втора шанса“.

„Ова е една современа и секојдневна женска приказна за сите нас. Иако во филмот е ставена во една историска рамка, мислам дека добро функционира и денеска затоа што се обидовме да направиме приказна за нас, особено за женските светови и нивните затворени светови. Се надевам дека ќе фунционира со публиката и дека ќе нè натера да разговараме и да комуницираме меѓусебно“, рече режисерката Џиџева.

Продуцентот Светозар Ристовски нагласи дека она што го испровоцирало да се зафати со овој проект е едноставноста и минимализмот на приказната.

„Ова беше прилично зрела приказна и она што е особено интересно во нашата средина е што се работеше за женски филм со женски ликови. Нешто што кај нас, во кинематографијата, не е толку често. Овој проект го развивавме и го работевме неколку години. Сценариото многу ми се допадна и идејата ни беше дека ни треба многу силна актерка, која и како личност би ја понела тежината на
ваков проект. Потоа ѝ се јавив на Николина Вучевиќ Зечевиќ, со која и претходно работевме и откако добивме поддршка од нашата Агенција за филм, добивме и од српскиот филмски центар и така се создаде оваа копродукција“,
рече Ристовски.

Актерката Наталија Теодосиева, која во филмот ја игра улогата на амбициозната лекарка која дознава дека е бремена, но бидејќи дејствието се случува во времето на воениот конфликт, 2001 година, таа се плаши за својата судбина и за судбината на своето неродено дете. Не знае дали треба да го задржи или да оди на специјализација во странство.
„Ова е филм за судбини на три жени во различни периоди од нивните животи, нив ги спојува и конфликтот, тој е во позадината, иако ние не зборуваме за него. Тие се среќаваат во лифтот и молчат. Не ги споделуваат своите проблеми, а сите три трпат голема штета од конфликтот“, рече Теодосиевка.
На вториот фестивалски ден, денеска, освен филмските проекции свечено ќе биде отворена ретроспективата на актерот Мето Јовановски во 21 часот во Кинотеката.

Спонзорирано: