23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Силјановска: Правото и правдата ќе важат за сите, ама најпрвин ќе ги испробаме на СДСМ

Кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова вечерва им се обрати на граѓаните во Берово. Taa пред граѓаните истакна дека 21 април и 5 мај се деновите кога граѓаните ќе ја делегитимираат власта на СДСМ и Заев бидејќи не водат сметка за правото и правдата.

„На 21 април и на 5 мај треба изборно да ги делегетимираме, тоа ќе значи дека нема да грабнат уште една важна функција, претседателската, во свои раце оти тие сè би грабнале за да останат на власт, се борат за живот и смрт зашто знаат дека правото и правдата ќе ги стигнат и нив, ама заборавија дека тие не водеа сметка за правото и правдата, тие беа обземени од политички реваншизам, делеа селективна правда. Не, ние нема да бидеме како нив, ние ќе бидеме поинакви, правото и правдата ќе важат за сите, ама најпрвин ќе ги испробаме на нив“, вели Силјановска-Давкова.

Таа нагласи дека со оваа власт граѓаните се соочуваат со лоша економија, односно, како што рече таа, додека владеат корупцијата и криминалот, на сметка на тоа растат трошоците на живот, но не и платите и пензиите на граѓаните.

Силјановска посочи дека нејзините залагања се Европската Унија и НАТО, но за влез во ЕУ се потребни вистински и суштински реформи, а не ова што го прават СДСМ и Заев, додавајќи дека проблемите на граѓаните се и нејзини проблеми и дека токму таа ќе ги реши и, конечно, граѓаните ќе излезат од ова политичко мочуриште.

„Вашите проблеми се наши проблеми, ние постојано размислуваме како заедно да излеземе од ова политичк мочуриште. Но, мислам дека времето е пред нас и дека набргу, во најубавиот месец, мај, ние ќе тргнеме со поинакви чекори, побрзи, европски, во решавање на граѓанските проблеми од секаков вид зашто не се патува во Брисел и ЕУ, туку Брисел се препознава овде“, рече Силјановска-Давкова.

Таа ги потсети граѓаните дека доколку биде избрана за претседател, секогаш ќе го користи ветото доколку постои основано правно сомнение дека некој закон не е во согласност со Уставот, а за неа како професор по уставно право е најважно почитувањето на највисокиот правен акт на државата. „Секогаш кога ќе се најде закон пред мене и кога јас имам основано правно сомнение, и оние околу мене критичарите, дека не во согласност со Уставот, сигурно дека ќе ставам вето. Не за да се правам важна или силна, туку да покажам дека Уставот е тој што важи за сите нас, па и за претседателот и, се разбира, ќе го образложам тоа и ќе побарам да го слушнете и вие тоа“, рече Силјановска.

Таа додаде дека често ќе се обраќа во Собранието за да може сите да ги чујат проблемите на граѓаните сè со цел да се најде решение за нивните вистински проблеми и граѓаните да почувствуваат дека таа како претседател води грижа за сите граѓани.

„Ќе се обраќам во ваше име, во име на оние што им е најголема потребата од помош. Се чини дека така и вие ќе чуете дека некој и кога е таму, тој е со вас и вашите проблеми, па ќе можете да оцените кој води, а кој не води сметка за граѓаните“, изјави таа.

На крајот, Силјановска нагласи дека во нејзиниот кабинет и во институциите каде што таа ќе именува високи функционери ќе се води од строги критериуми, знаење и професионалност.
„На сите функции секогаш ќе водам сметка да се најдат оние што ги исполнуваат најстрогите критериуми оти само тогаш еден претседател може да биде одговорен пред граѓаните. Не да се води од пријателството и фамилијарноста или од партијата, туку да се води од знаењето“, посочи Силјановска.