26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Рокот за аплицирање за набавка на педигриран приплоден добиток истекува в четврток

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги потсетува сите заинтересирани дека в четврток, 11 април, завршува рокот за аплицирање на набавка на приплоден добиток. Преку програмата за рурален развој на располагање се 91 милион денари за набавка на приплоден добиток, односно педигрирани машки и женски приплодни кози, високостелни педигрирани јуници (со исклучок на расата буша), педигрирани машки и женски приплодни овци од увоз или од признати организации.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделстсвото и руралниот развој, Николче Бабовски, информира дека новина е тоа што од овој повик сите баратели првин треба да достават барање за користење средства и кога ќе склучат договор, да ја почнат реализацијата на инвестицијата. Претходно, првин се набавуваше приплоден добиток, па потоа се бараше поврат на средствата.

Право на користење средства имаат следните субјекти: земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој. Максималната вредност на прифатливи трошоци изнесува до 6.500.000 денари. Повратот на средства за оваа мерка се движи од 50 до 75 отсто од вкупната вредност на инвестицијата во зависност од тоа во какви услови се одгледуваат, дали носител на земјоделското стопанство е млад земјоделец или жена. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 барања по разни мерки земајќи ги предвид и другите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.

Во согласност со измените на програмата за рурален развој барателите што биле корисници на финансиска поддршка за набавка трактори преку ИПАРД-програмата и националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години не се прифатливи како корисници на оваа мерка.

Сите фармери што ќе сакаат да аплицираат за добивање средства преку оваа програма треба да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локација на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документите предвидени за мерка 121, подмерка 121.1. Барателите што ги исполниле условите за користење средства за мерките 121 се рангираат со бодирање.