Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со жителите во населеното место Велгошти. На средбата тој побара поддршка и обединетост од граѓаните за Гордана Силјановска-Давкова, кандидат за претседател, како и за кандидатот за градоначалник на општина Охрид, Митре Милошевски.
„Мораме да застанеме еден до друг, ве молам, човечки е да ве замолам да нè поддржите во оваа наша мисија, која е пеколно тешка, но не се плашиме. Влеговме во овој предизвик одлучни како никогаш досега. Ве молам за ваша поддршка, за сплотеност и обединетост за овие двајца луѓе затоа што тоа се честити, стаменити, горди Македонци и Македонки, што ќе го вложат целиот свој човечки интегритет, целиот свој кредибилитет, целата своја биографија за пеколно да работат за охриѓани и за Македонија“, посочи Мицкоски.
Тој истакна дека на Република Македонија, како и на Охрид, им требаат луѓе што цврсто ќе застанат со граѓаните и ќе работат во нивен интерес сè со цел да им овозможат квалитетен живот, нагласувајќи дека не победуваат помногубројните, туку победуваат помотивираните и храбрите, а токму Силјановска-Давкова и Милошевски се такви.
„Да ве потсетам, не победуваат ниту помногубројните ниту помоќните, победуваат помотивираните и храбрите, а јас овде гледам честити мотивирани и храбри луѓе, ве молам да ни помогнетеж за да можеме сите да си помогнеме и да победиме најпрвин на 21 април овде во Охрид, а потоа и на 5 мај во цела Македонија“, рече Мицкоски.