23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски: Нема никаква причина Ковачевски да остане инсталиран како премиер без легитимитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на Велес одговори на новинарско прашање за тоа зошто мисли дека Ковачевски и СДСМ треба да прифатат предвремени парламентарни избори.

„Затоа што очигледно тие не може да го испорачаат тоа за што зеле обврска, а презедоа обврски надвор од политичкиот легитимитет што го имаат, или во суштина, да бидам попрецизен, кој го немаат“.

Мицкоски истакна дека Ковачевски и според начинот на кој е избран е премиер без никаков легитимитет, а најстрашно е што како таков потпишал национална катастрофа, без да се консултира со никого.

„Ковачевски стана премиер откога им се случи оној историски дебакл на локалните избори и во првиот и во вториот круг на СДСМ и коалицијата во 2021 година, па замина комплетното политичко раководство на СДСМ на начин на кој беше избран Ковачевски откако претходно беше киднапиран или исчезна еден пратеник во парламентот, Ковачевски беше избран или инсталиран во парламентот без каков било политички или изборен легитимитет од граѓаните и што е уште пострашно потпиша национална катастрофа и капитулација зад завесата, без да се консултира со најголемиот фактор во државата, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што му нудевме поддршка“, потенцира Мицкоски.

Редно е да одиме на предвремени избори, порача Мицкоски.

„Откако тој проект на Ковачевски и Пендаровски пропадна, редно е да одиме на предвремени парламентарни избори бидејќи нема ниту една друга причина зошто тој да остане и понатаму инсталиран, зборувам во објективна смисла, а во субјективна смисла има за нив, имаат тендери, имаат провизии, имаат други интереси, кои тој заедно со водечкиот партнер во Владата треба да ги заштитат уште овие неколку месеци. Но, треба сите да знаат дека за неколку месеци од денеска ќе имаме нова реалност и сите оние потенцијални партнери во криминалот на оваа Влада треба да се свесни дека ќе има одговорност“.