23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Николова: Блокадата на ДПМНЕ може да ја чини земјава 10 милијарди евра помалку фондови од ЕУ

Со блокадата на уставните измени, ДПМНЕ и Мицкоски не само што ја оддалечуваат државата од европскиот пат, туку негативно влијаат и врз економскиот развој.

ЕУ е нашиот главени трговски партнер, со 77,5% од извозот на земјата и 51% од нејзиниот увоз, истакна на прес-конференција, Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.

Дополнително, како што рече, ЕУ е наш најголем финансиски поддржувач, донатор и кредитор во сите области, таа ни помага во европеизирањето на македонскиот бизнис модел.

Оценува дека блокадата од страна на ДПМНЕ може да ја чини нашата земја 10 милијарди евра помалку фондови од ЕУ.

„Само во досегашниот евроинтегративен процес на земјата, преку ИПА, грантови за енергетската криза, макроекономска помош, поддршка за малите и средните компании, помошта за ублажување на економските последици од пандемијата, образовните и други програми во државата се слеаја над 1,2 милијарди евра од европските фондови. Во иднина, преку забрзување на евроинтеграциите и полноправното членство, програмите и фондовите на ЕУ можат да бидат 11 пати повисоки од оние што досега ги имаме. Но, блокадите на ДПМНЕ и Мицкоски можат да доведат до загуба на овие значајни финансиски прилики за државата, бизнисот и граѓаните. Мицкоски и ДПМНЕ исто така, ја ускратуваат шансата за голем скок на платите и раст животниот стандард на граѓаните, со оглед на фактот што, во првите пет години по зачленувањето во ЕУ, растот на платите во земјите членки на ЕУ се движеше од над 50 отсто, па се до 100 отсто“, истакнува Николова.

Појаснува дека првите пет години по членството, кај државите од ЕУ, стапките на раст на БДП се зголемиле од 80 до 90 отсто, но во случај на прекин на интеграциските процеси, тие стапки за нашата држава може да останат недостижни, исто како и пристапот на македонските компании на европскиот пазар со 500 милиони.

Николова вели дека придобивките од членството во ЕУ се огромни, и дека сега имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса треба да се искористи, затоа што 80 отсто од граѓаните јасно се определени за членство во ЕУ.