Хрватско-македонска тангента денес во 19 часот во Прес-центарот во Шибеник ќе одржи комеморативно-културна манифестација и оддавање почит на жртвите од пожарот во Кочани.
По повод Светскиот ден на поезијата 21 март, ќе биде организирана специјална вечер посветена на моќта на зборовите и споменот на оние кои повеќе не се меѓу нас. Годинава со писма и поетски интерпретации ќе им биде оддаадена почит на жртвите од трагичниот пожар во дискотека во градот Кочани, настан кој ја зави Македонија во црно.
„Во време кога се сеќаваме на трагедијата што погоди толку многу семејства, сакаме преку уметноста да изразиме солидарност, сочувство и вечен спомен на младите животи кои се изгубени. Поезијата не учи како да ја пронајдеме убавината низ тагата и како зборовите можат да изградат мост меѓу болката и надежта“ велат од Хрватско-македонска тангента.
Во рамките на културната манифестација „По стапките на пишаниот збор“, во соработка со Здружението Марија Јуриќ Загорка, ќе се одржи манифестацијата „Гласот на жената низ времето – Писма на Марија Јуриќ Загорка“. Писмата на Загорка ќе ги чита Дубравка Видовиќ, претседател на Здружението Марија Јуриќ Загорка, а своја поезија ќе читаат поети од Шибеник, кои се членови на Хрватско-македонската тангента.
Настанот ќе се одржи на 21 март во 19 часот во Прес центарот во Шибеник
Покровител е Советот за национални малцинства на Република Хрватска./Извор:Makfax