26. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Поранешна манекенка: Трамп сексуално ме злоставуваше, ме запозна преку Епстејн

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се соочува со нови обвинувања за сексуална злоупотреба на модел што го запознал преку Џефри Епстејн во 1990-тите, откри Гардијан.

Според весникот, овој наводен напад се случил во кулата Трамп во Њујорк на почетокот на 1993 година, а Стејси Вилијамс вели дека отишла кај републиканскиот милијардер на покана на американскиот финансиер Џефри Епстејн.

Кога пристигнала, Доналд Трамп наводно ја повлекол кон себе, допирајќи ги нејзините гради, како и нејзината половина и задникот, таа исто така признала дека била „длабоко вознемирена“ и тврди дека тогаш мислела дека го видела Доналд Трамп како се смешка на Џефри Епстејн.

Епстејн, финансиер со моќни економски и политички мрежи во Соединетите држави и во странство, самиот беше обвинет за сексуално злоставување и силување млади девојки, но неговото самоубиство со бесење во затвор во Њујорк во август 2019 година ја угаси јавната акција против него.

Според Гардијан, Стејси Вилијамс (56) го открила ова за време на онлајн разговор со групата наречена „Преживеани за Камала“, која себеси се опишува како коалиција на преживеани од сексуален напад и го поддржува демократскиот кандидат на изборите.

„Идејата за ова чудовиште да се врати во Белата куќа е мојот најлош кошмар“, рече Вилијамс, која тврди дека се чувствувала „понижена“ по наводниот напад, верувајќи дека била жртва на „болна игра“ меѓу поранешниот американски претседател и Џефри Епстејн.

Таа посочи дека неколку месеци подоцна добила разгледница потпишана од Доналд Трамп. Во 2023 година, поротата во Њујорк го прогласи поранешниот претседател одговорен за „сексуалниот напад“ на поранешната новинарка Е. Џин Керол во 1996 година./Извор:Makfax