4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски – Гутереш: Соработката со ОН продолжува, стратешките развојни цели се приоритет

Владина делегација предводена од премиерот Ковачевски на маргините на 77-то Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На средбата премиерот Ковачевски изрази благодарност за ангажманот на ОН во Република Северна Македонија и нагласи дека соработката ќе продолжи со зголемен интензитет, особено во имплементирањето на новите стратешки цели за одржлив развој за периодот 2021-2025 година.

Премиерот истакна дека ангажманот на ОН во Република Северна Македонија е мошне важен за јакнење на капацитетите на земјата во клучните сектори и за унапредување на реформите. Тој изрази надеж дека соработката со ОН ќе продолжи и во иднина со цел обезбедување поддршка за нашите развојни цели во контекст на нашите евроинтеграциски аспирации.

„Реформите во областите на доброто владеење, борбата со корупцијата, реформите во судскиот систем, како и јакнењето на социјалната кохезија, ќе бидат приоритетите на земјата. Крајната цел на Владата е да воведе значајни промени во животот на нејзините граѓани, да ја подобри легислативата, да ги зајакне капацитетите и ефикасноста на институциите“, истакна Премиерот.

На средбата беше потврдена нашата силна заложба за јакнење на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици како руската агресија врз Украина, климатските промени и недостатокот на храна. Владата на Северна Македонија, како што беше посочено е целосно посветена на имплементација на Агендата 2030, којашто се однесува на целите за одржлив развој на ОН и нејзина интеграција во националните стратешки документи и планови.

На средбата со Генералниот секретар Гутереш, премиерот Ковачевски изрази интерес и за зголемено учество на нашата земја во мировните операции на Обединетите Нации. Република Северна Македонија, истакна Ковачевски е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон меѓународните заложби за борба против тероризмот.