34.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Осудените педофили во Луизијана би можеле да подлежат на хируршка кастрација

Педофилите прогласени за виновни за сексуално злосторство врз дете во американската сојузна држава Луизијана набргу, покрај затворската казна, би можеле да бидат подложени и на хируршка кастрација, пишува „Скај њуз“.

Политичарите од Луизијана вчера го одобрија нацрт-законот, кој ќе им овозможи на судиите да издаваат налози за осудените за одредени тешки сексуални злосторства против деца помлади од 13 години.

Доколку предлогот стане закон, тој ќе важи само за мажи и жени, чие кривично дело се случило на или по 1 август годинава.

Од 2008 година судиите во Луизијана имаат овластување да им наредат на осудените за такви злосторства да се подложат на хемиска кастрација. Овој метод вклучува употреба на лекови што го блокираат производството на полови хормони за да го намалат либидото.

Хируршката кастрација е многу поинвазивна процедура. Неколку други држави, вклучувајќи ги Калифорнија, Флорида и Тексас, исто така веќе имаат закони што дозволуваат казнување со хемиската кастрација.

Во некои од овие земји прекршителите може да се одлучат за операција доколку сакаат.

Предлог-законот вчера доби огромна поддршка во двата дома во кои доминираат републиканците. Гласовите против законот дојдоа најмногу од демократите, но автор на оваа мерка е политичар од Демократската партија.

Предлог-законот сега оди на масата на конзервативниот гувернер Џеф Ландри, кој ќе одлучи дали ќе го потпише како закон или ќе стави вето. Во Луизијана во моментот се затворени 2.224 лица за сексуални злосторства врз деца помлади од 13 години.

Демократката Регина Бароу рече дека усвојувањето на законот е чекор напред во казнувањето на ужасните злосторства. Таа се надева дека законот ќе послужи како средство за спречување на ваквите злосторства врз децата.

„Зборуваме за бебиња што се малтретирани од некого. Тоа е неоправдано“, рече Бароу за време на состанокот на одборот во април, според „Скај њуз“.

Додека кастрацијата често се поврзува со мажи, Бароу рече дека законот може да важи и за жените. Таа нагласи и дека казните ќе се засноваат на поединечни случаи./Извор:Makfax