34.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Министрите за одбрана на САД и Кина се сретнаа во Сингапур: „Ги вкрстија роговите“

Министрите за одбрана на САД и Кина денеска на азискиот самит во Сингапур, на првата средба лице в лице по две години, меѓусебно се демантираа, но и нагласија дека е неопходно да се одржи отворена комуникација меѓу двете армии.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот кинески колега Донг Џун се сретнаа на маргините на азискиот одбранбен самит, познат како дијалог Шангри-Ла, и, како што пренесува Ројтерс, „вкрстиле рогови“.

Претседателот на Филипините подоцна денеска ќе одржи говор кој се очекува да го допре чувствителното прашање за територијалните спорови во Јужното Кинеско Море.

На дневен ред се и војните во Украина и Газа, тензиите во Јужното Кинеско Море и прашањето за односите меѓу САД и Кина.

За време на состанокот со Донг, Остин изрази загриженост за кинеската воена активност во близина на Тајван, вклучително и по претседателските избори на островот и инаугурацијата на претседателот Лаи Чинг-те, рече генерал-полковник на американските воздухопловни сили Патрик Рајдер.

Средбата траела 75 минути, вели Рајдер, додавајќи дека Остин повторил дека Кина не треба да ја користи политичката транзиција во Тајван како изговор за агресивни потези и дека изразил загриженост за активностите на кинеската војска во тајванскиот теснец.

Донг го предупреди Остин дека САД не треба да се мешаат во работите на Кина со Тајван, рече портпаролот на министерот за одбрана, Ву Чиан. Тој исто така рече дека со својот пристап кон Тајван, САД ги прекршуваат своите обврски и испраќаат погрешен сигнал до „сепаратистичките сили“ во Тајван, вклучувајќи го и претседателот Лаи.

Новоизбраниот претседател Лаи е „сепаратист“ за Пекинг, рече портпаролот. Но, и Остин и Донг се согласија дека комуникацијата меѓу вооружените сили на двете земји мора да остане отворена.

Дијалогот Шангри-Ла се одржува секоја година во Сингапур и ова е негово 21-во издание. Трае до 2 јуни/Извор:Makfax