34.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Франција: Протести на затворските чувари по убиството на двајца колеги

Стотици затворски службеници денеска одржаа протести низ Франција, откако вооружени напаѓачи убија двајца затворски службеници во заседа на патарина во Нормандија и ослободија затвореник.

Во затвор во близина на Марсеј, повеќе од 100 затворски службеници се собраа под транспарент на кој пишуваше „Не сме платени за да умреме“, пренесува Гардијан.

Некои официјални лица се пожалија на лоши услови и насилство во преполните затвори во Франција.

„Кога ќе ставите три лица во ќелија од девет квадратни метри, која е наменета за едно лице, тоа природно создава тензии и инциденти“, рече членот на синдикатот на ФО, Џастис Ерван Сауди.

Францускиот министер за правда Ерик Дупон-Морети попладнево ќе се сретне со синдикатите на затворските службеници.

Во земјава денеска продолжи потрагата по затвореникот Мохамед Амр „Флај“, кој во вторникот побегнал од полициското комбе кое го превезувало во затвор.

Тој се враќал од судското рочиште во Руан по обвинение за обид за убиство кога автомобилот удрил во затворско комбе на наплатна рампа.

Вооружените мажи отвориле оган и убиле двајца чувари, а затвореникот побегнал со напаѓачите.

Парискиот обвинител изјави дека две возила за кои се верува дека биле користени од криминалци биле пронајдени изгорени на различни локации подоцна во вторникот, објави Би-Би-Си.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен во вторникот објави дека е започната голема потрага по непознатите напаѓачи, а се распоредени и хеликоптери.

„Се користат сите средства за да се пронајдат овие криминалци. По мои инструкции беа мобилизирани неколку стотици полицајци и жандарми“, напиша Дарманен на платформата Х, пренесува Танјуг.

„Апсолутно ќе се направи се, за да се пронајдат сторителите на ова грозоморно злосторство“, изјави министерот за правда, Ерик Дипон-Морети за телевизијата БФМ.

Би-би-си јавува дека во престрелката се повредени тројца полицајци./Извор:Makfax