22.8 C
Скопје
25. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Екипажот на бродот што го урна мостот во Балтимор заробен во пловилото од несреќата

Кога контролирана експлозија го потресе „Дали“ во понеделникот, дваесетина морнари останаа на бродот под палубата во масивниот труп на пловилото. Во исто време, експлозии урнаа делови од некогаш иконскиот мост „Френсис Скот ки“ во Балтимор во темните води на реката Патапско во американската сојузна држава Мериленд, седум недели по несреќата на мостот, во која загинаа шест лица, а „Дали“ остана заробен.

Властите и екипажот се надеваат дека уривањето ќе го означи почетокот на крајот на долгиот процес, кој ги држи 21 лице на бродот заробени и отсечени од светот, илјадници километри од нивните домови, пишува Би-би-си.

Но, сè уште не е јасно кога ќе може да се вратат дома.

„Дали“, контејнерскиот брод долг 289 метри, беше на почетокот на 27-дневното патување од Балтимор до Шри Ланка кога удри во мостот „Френсис Скот ки“ истурајќи илјадници тони челик и цемент во реката. Бродот бил заглавен под огромно количество урнат метал.

Прелиминарниот извештај на Националниот одбор за безбедност на транспортот посочи дека два прекина на струјата ја оневозможиле опремата на бродот пред несреќата, а бродот изгубил струја двапати и 10 часа пред ударот.

Екипажот се состои од 20 државјани на Индија и Шри Ланка, кои не можеа да се симнат поради визните ограничувања, недостигот на потребните пропусници и истрагите на НТСБ и ФБИ. Во понеделникот екипажот остана на бродот, иако властите употребија мали експлозивни полнења за намерно да го отсечат делот од мостот што лежеше на лакот на бродот.

Пред контролираното уривање адмиралот на американската крајбрежна стража Шенон Гилрет рече дека екипажот ќе остане под палубата со противпожарна екипа на подготвеност. „Тие се дел од бродот. Тие се неопходни за бродот да биде обучен и оперативен. Тие најдобро реагираат на самиот брод“, рече адмирал Гилрет.

Иако оваа недела бродот најверојатно ќе може повторно да плови, останува нејасно кога ќе може да ги помине двете наутички милји (3,7 километри) до пристаништето. Меѓу оние што биле во контакт со екипажот е Џошуа Месик, извршен директор на Меѓународниот центар за морнари во Балтимор, непрофитна организација, која ги штити правата на морнарите.

Според Месик, екипажот во голема мера бил отсечен од комуникација со надворешниот свет откога ФБИ им ги запленил мобилните телефони за истрага: „Не може да пристапат до онлајн-банкарството. Не може да си ги платат сметките дома. Тие немаат никакви информации, така што во моментот се навистина изолирани. Едноставно, не може да дојдат до луѓето на кои им требаат, ниту да си ги видат фотографиите од своите деца пред да заспијат. Тоа е навистина тажна ситуација“./Извор:Makfax