12.8 C
Скопје
16. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

На рестораните во Шпанија им е дозволено да наплаќаат одделно за место под сенка

Властите во шпанскиот автономен регион Андалузија донесоа одлука дека рестораните имаат законско право да наплаќаат дополнително за маси на сонце или под сенка под услов клиентите да бидат соодветно информирани за повисоките цени пред да нарачаат.

Известувањата за повисоки цени може да се даваат преку менито, ценовникот или да се соопштат на некој друг начин, пишува The Olive Press.

Воедно, се појаснува дека нема да има посебна такса за маса со одреден поглед или локација на менито, туку на рестораните ќе им биде дозволено да наплатуваат дополнителен надомест за секое јадење што се служи во одредени делови од објектот доколку тоа е јасно наведено во ценовникот.

Портпаролот на Здружението на потрошувачите, Рубен Санчез, изјави дека рестораните не може да наплаќаат 10 евра повеќе за маса на тераса.

„Сепак, на рестораните и баровите им е дозволено да наплаќаат повеќе за секое јадење што се служи на терасата сè додека тоа е јасно наведено во ценовникот“, рече Санчез додавајќи дека рестораните не може да наплаќаат такса за резервација на маса, а ако наплаќаат, износот мора да се отстрани од конечната сметка.

Санчез исто така рече дека од гостите не треба да се бара да купуваат пакувана вода бидејќи вода од чешма мора да има на располагање.

За бакшишот, Санчез изјави дека одлуката дали да се остави бакшиш е на гостинот, што значи дека задолжителната дополнителна такса за услугата е незаконска.

Претходно, властите на градот Севилја, главниот град на Андалузија, најавија планови за ограничување на влезот на туристи на централниот градски плоштад Плаза де Еспања.

Жителите на градот и покраината, како и досега, ќе може да влезат таму без ограничувања, но туристите ќе може да влезат на главниот градски плоштад само со плаќање.

Спонзорирано: