4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

ИЗБОРНА ХРОНИКА: Претседателските кандидати договараат мастер дебата до 10 април, ВМРО-ДПМНЕ ги потврди листите за пратеници, Села влезе во коалиција со ДУИ

Предизборната делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која ја заврши посетата на Северна Македонија во периодот од 25 до 28 март, оценува дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди. Таа, исто така, посочува дека политичкото опкружување, веќе силно поларизирано, сè уште е многу динамично и се менува и ги повика сите засегнати страни да обезбедат дека кампањата ќе тече непречено до денот на изборите.

Претседателски избори
Изборните штабови на претседателските кандидати во земјава постигнале начелен договор за одржување на мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори, која ја предложи актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, кој ќе трка за уште еден мандат на претстојните избори.

Од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Пендаровски денеска на брифинг со новинарите информираа дека сите штабови дале начелна согласност за идејата, но сè уште се усогласуваат некои технички детали. Исто така, потврдено е дека нема да има исклучување на кандидати од дебатата, без оглед на барањата од некои кандидати за изземање на своите ривали.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“ и актуелен градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој американскиот Стејт Департмент го означи во „црната листа“, вели дека е подготвен секогаш, секаде и со секого да дебатира за сето она што е важно за македонските граѓани.

-Како кандидат за претседател, како политичар, но пред се како човек, подготвен сум секогаш, секаде и со секого да дебатирам за сето она што е важно за македонските граѓани и македонската држава. Тоа што некој кандидат и нечиј штаб имале проблем да се соочат со мене на мастер дебатата, само говори за нивниот страв да се соочат со своето незнање и страв од соочување со вистината, која за некого може да биде многу тешка и болна, вели Јакимовски.

Претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска на телевизиско гостување рече дека дури и да го смениме Уставот, вакви нема да не примат во ЕУ.

– Ние мораме да си се чуваме себе се, да знаеме кои сме, што сакаме за себе и за нашите национални интереси. Ако некој континуирано ти испорачува работи кои немаат врска со Копенхашките критериуми и постојано бара уште нешто. Ние сме специјалниот случај во ЕУ“.

Претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател од коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари, заедно со претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, учествуваа на панел дискусија за интеграцијата на лицата со попреченост во општеството.

На панел дискусијата се разговараше за потребите и барањата на оваа значајна категорија.

Парламентарни избори
ВМРО-ДПМНЕ на седница на Извршниот и Централниот комитет на партијата ги потврди листите за пратеници за претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај.

Во ИЕ 1 носител на листата ќе биде лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во Втората Владо Мисајловски, во Третата Драган Ковачки, во Четвртата Александар Николовски, во Петтата Ѓоргија Сајкоски и во Шестата, Дафина Стојановска.

Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска и лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, во општина Шуто Оризари го потпишаа коалицискиот договор за приклучување на Унија на Ромите кон Европскиот фронт предводен од Ахмети.

Османовска порача дека Ромите ќе влезат во Европската Унија како рамноправни со сите граѓани, бидејќи како што рече, ромската заедница има високо образовен и стручен кадар, како и ромска политичка партија, за која рече, обединува и организира.

Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села на претстојните избори ќе биде дел од „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ, бидејќи не може да ја чека одлуката на судот за тоа на кој дел од партијата му припаѓа печатот. Одлуката, како што изјави Села, е донесена едногласно, на денешната седница на Централното собрание на партијата.

„Завршивме со седницата на Централното собрание на АА како што најавив за точките на дневен ред, требаше да донесеме неколку одлуки, меѓу кои за шеф на Изборниот штаб беше избран Тирон Јајага, заменик министерот за одбрана. Одлучувавме и за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА – делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица возржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за да нашата иднина биде уште подобра“, рече Села.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски завчера во седиштето на партијата потпиша коалициски договор со лидерите на партиите кои влегоа во „Коалиција за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.

Подготви: Н. Абдурахмани во соработка со ЦМТ.

Извор: Civilmedia.mk