4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Фон дер Лајен: БиХ направи импресивни чекори во европската интеграција од 2022 година

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска, во Европскиот парламент потврди дека ќе препорача отворање на преговорите со Босна и Херцеговина.

„Денеска, ќе му препорачаме на Советот да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, рече Фон дер Лајен во говорот на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур. Таа најава беше проследена со аплауз од претставниците.

Попладне ќе се одржи седница на Европската комисија, на која ќе се донесе одлука за препораката за отворање на преговорите. За оваа препорака следниот вторник ќе одлучува Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за надворешни или европски работи на земјите членки, а потоа и лидерите на земјите членки, кои ќе се соберат на самитот на 21 и 22 март.

Фон дер Лајен рече дека БиХ направила импресивни чекори во европската интеграција по добивањето кандидатски статус во декември 2022 година.

„Постигнат е поголем напредок за нешто повеќе од една година отколку претходно за десет години. Прво, БиХ сега е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика, што е клучно во овие времиња на геополитички превирања.

Второ, државата усвои важни закони, како што е законот за спречување судир на интереси, кој беше во застој седум години, и законот за спречување перење пари и финансирање тероризам“, рече Фон дер Лајен.

Таа исто така изјави дека БиХ го подобрила управувањето со мигрантските текови и дека сега е можно да се почнат преговори со Фронтекс откако Претседателството го одобри преговарачкиот мандат.

Како четврти елемент, Министерството за правда на Босна и Херцеговина одлучи да ги вклучи пресудите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во домашната криминална евиденција. Таа го истакна и новиот административен комитет за градење мир, кој неодамна профункционира.

„Се разбира, потребен е поголем напредок за да се приклучи кон нашата Унија, но земјата покажува дека може да ги исполни критериумите за членство и аспирациите на граѓаните да бидат дел од нашето семејство. Пораката од Босна и Херцеговина е јасна, затоа нашата порака исто така мора да биде јасно – иднината на Босна и Херцеговина е во Европската Унија“, рече претседателката на Комисијата.

Фон дер Лајен истакна дека ЕУ во последните години го сменила пристапот кон Западен Балкан.

„Сфативме дека не е доволно да чекаме Западен Балкан да ни се приближи, дека не е доволно да се каже дека вратата е отворена. Исто така, мораме да преземеме одговорност и да го поддржиме нивниот пат кон нашата Унија на секој можен начин“, рече претседателката на Комисијата.