5.8 C
Скопје
4. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Истече радиоактивна вода во Фукушима

Во нуклеарната централа Фукушима Даичи во североисточна Јапонија вчера е откриено истекување на радиоактивна вода, но не се откриени траги на контаминација надвор од локацијата, соопшти денеска за агенциите операторот на централата Тепцо.

Ова истекување од приближно 5.500 литри во електраната, која беше сериозно оштетена во 2011 година, се случи пред водата да биде прочистена со систем наречен ALPS, кој ја ослободува водата собрана во централата од повеќето нејзини радиоактивни материи, објасни портпаролката на Tепцо.

Протекувањето било прекинато дваесетина минути откако било откриено вчераутро.

Таа вода би можела да содржи радиоактивни изотопи како што се цезиум 137 и стронциум 90, изјави портпаролката, додавајќи дека раководството на централата планира да ја отстрани загаденото тло.

„Нема значајни промени во податоците од следењето на радиоактивноста околу електраната’, уверуваат.

Нуклеарната централа Фукушима Даичи беше уништена во страшното цунами во 2011 година во североисточна Јапонија.

Деконтаминацијата и демонтирањето на електраната се далеку со децении, а најтешкиот дел – отстранувањето на стопеното гориво од оштетените реактори – допрва треба да почне.

По зеленото светло од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Јапонија почна многу постепено да испушта повеќе од 1,3 милиони кубни метри вода од централата во Тихиот Океан минатото лето по обработката во системот на АЛПС.

Јапонија и МААЕ уверуваат дека овој процес, кој треба да трае до почетокот на 2050-тите, е безбеден за морската средина и здравјето.

Кина и Русија, сепак, изразија сериозна загриженост и го прекинаа целиот увоз на јапонски морски плодови.