Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вчера призна дека Украина има проблем по почнувањето на војната во Израел.
„Војната меѓу Израел и Хамас доведе до забавување на испораката на гранати во Украина. Што мислите, што почнаа првин да купуваат на Блискиот Исток – гранати во калибар од 155. Нашите резерви се намалија“, рече Зеленски.
Израел, кој ужива воена поддршка од САД, го бомбардира Појасот Газа откога борците на Хамас масакрираа повеќе од илјада цивили во напад, без преседан, на почетокот на октомври, пренесуваат медиумите во регионот.
„Не е дека САД рекоа: нема да ѝ дадеме ништо на Украина. Не! Имаме сериозни, многу силни односи“, рече Зеленски.
„Тоа е нормално, сите се борат да преживеат. Тоа е живот и ние треба да го браниме она што е наше“, рече претседателот на Украина.
Русија и Украина се обидуваат да ги задржат своите резерви на гранати по речиси две години војна од инвазијата на Москва.
„Денес, имаме проблеми со артилериски гранати од 155 милиметри“, рече Зеленски додавајќи дека магацините сега се празни во целиот свет.
„Или постои законски минимум што оваа или онаа држава може да ви го даде. И тоа не е доволно“, додаде тој.
Зеленски, сепак, ги поздрави напорите на САД да го зголемат производството на овој тип муниција и посочи дека Русија складира ракети за напади врз украинската инфраструктура во зима.
„Мислам дека складираат проектили, но немаат многу повеќе проектили од порано. Во спротивно, веќе ќе почнеа да бомбардираат“, смета првиот човек на Украина и додава дека неговата земја е подобро подготвена за зимата од претходно.