8.8 C
Скопје
29. ноември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Почина актерот Жарко Лаушевиќ

Актерот Жарко Лаушевиќ (63) почина денеска по кратко и тешко боледување, соопшти неговата сопруга Анита Лаушевиќ.

„За датумот и местото на погребот јавноста ќе биде навремено информирана“, се наведува во краткото соопштение.

Жарко Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње, а дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Тој беше еден од најпознатите југословенски и српски актери од втората половина на 80-тите, чија кариера нагло беше прекината поради злосторството што го направи во 1993 година за што беше осуден на неколку години затвор во родната Црна Гора.

По скратувањето на казната и помилувањето, Лаушевиќ се пресели во Соединетите Американски Држави, од каде што се врати првин со исповедната книга „Годината минува, денот никогаш“, а потоа со уште неколку автобиографски дела, како и неколку улоги на телевизија и филм во последните десет години.

Популарноста во Југославија ја стекна со улогата на криминалец во телевизиската серија „Сивиот дом“ (1986), во режија на Дарко Баиќ, како и во филмовите „Шмекер“ (1986), „Се случи на денешен ден“ (1987), „Битката на Косово“ (1989), „Кажи зошто ме остави“ (1993) и „Подобро oд бегство“ (1993).

Летото 1993 година при расправија и конфликт пред едно кафуле во Подгорица, Лаушевиќ ги уби со пиштол напаѓачите Драгор Пејовиќ и Радован Вучиниќ, а тешко го рани третиот Андрија Кажиќ.

Тој беше осуден на 13 години затвор за двојно убиство. Настанот и неговите последици, кои суштински ќе му го променат животот, Лаушевиќ прв ги опишал во автобиографската книга „Годината минува, денот никогаш“ (2011), како и во продолжението „Втората книга“ (2013).