Повикувајќи на хуманитарен прекин на огнот во Газа, Мартин Грифитс, координатор за вонредни состојби на Обединетите нации (ОН), во средата рече дека „масакот“ во опколената палестинска енклава мора да заврши.
– Додека масакрот во Газа секојдневно достигнува нови нивоа на ужас, светот продолжува во шок да гледа како болниците се под оган, предвремено родените бебиња умираат, а целото население е лишено од основните средства за живот – се вели во соопштението на Грифитс.
Ова не смее да продолжи, рече Грифитс, додавајќи дека завојуваните страни „мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, да се согласат на хуманитарен прекин на огнот и да ги прекинат борбите“.
Како дел од неговиот предложен план за решавање на актуелниот израелско-палестински конфликт, тој ги повика сите страни да им дозволат на ОН, другите хуманитарни организации, како и на јавниот и приватниот сектор пристап до гориво во доволни количини за да се обезбедат основни услуги во Газа.
Тој нагласи дека итно е потребно спроведување на хуманитарниот прекин на огнот за да се овозможи обновување на основните услуги.
– Ваквиот прекин на огнот е исто така од клучна важност за олеснување на испораката на помош, ослободување на заложниците и обезбедување помош за цивилите – рече Грифитс.
Израелските напади врз Појасот Газа траат веќе 40 дена. Од минатиот месец, илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во израелските воздушни и копнени напади врз опколената енклава.