Предвремено родените бебиња во најголемата болница во Газа се завиткуваат во фолија и се ставаат покрај топла вода во очајнички обид да се одржат во живот, предупреди директорот на болницата. Преостанатите резерви на гориво исчезнуваат оставајќи го објектот во услови кога е невозможно да функционира, велат болничките службеници.
Вработените во болницата „Ал Шифа“ се бореа да ги одржат во живот новороденчињата откога истече снабдувањето со кислород и тие мораа рачно да ги преместат бебињата од инкубаторот во друг дел од болницата, рече директорот на „Ал Шифа“.
„Предмалку бев со нив. Тие ги извадија бебињата од инкубаторот. Ги завиткуваме во фолија и ставаме топла вода до нив за да ги загрееме“, изјави директорот на медицинскиот центар, д-р Мухамед Абу Салмија, за „Ал Арабија“.
На фотографиите што се проширија на социјалните мрежи се гледаат неколку новородени бебиња извадени од инкубаторот и ставени заедно во еден кревет.
Лекарот рече дека неколку деца починале додека биле на интензивна нега и во градинки за време на израелското бомбардирање и блокадата на Газа, тешко сиромашна и густо населена територија. Израелските напади следуваа по упадот на милитантите на Хамас на израелска територија на 7 октомври и масакрот и киднапирањето израелски цивили.
Во израелските воздушни напади загинаа повеќе од 11.000 луѓе, според палестинските здравствени власти под контрола на Хамас, а блокадата со гориво резултира со продлабочена хуманитарна криза бидејќи се затворија болниците, системите за вода, пекарниците и другите системи зависни од електрична енергија.
Портпаролот на Министерството, д-р Ашраф ал-Кидра, рече дека комплексот не е оперативен откако постојано бил цел на израелските сили.
Портпаролот на израелската војска изјави за Си-ен-ен дека нивните сили се вклучени во тековни интензивни борби против Хамас во близина на болничкиот комплекс, но негира дека отворил оган врз медицинскиот центар во северниот дел на Појасот Газа и ги отфрли сугестиите дека болницата е под опсада.
Израелската војска претходно соопшти дека Хамас се крие во цивилната инфраструктура и дека ќе го нападне Хамас секаде каде што е потребно. Тој исто така го обвини Хамас дека ги користи болниците како скривалишта, обвинение што лекарите во „Ал Шифа“ и милитантната група го негираат.