10.8 C
Скопје
3. декември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Американска подморница со наведувани проектили пристигна на Блискиот Исток

Војската на САД соопшти дека американска подморница со наведувани проектили пристигнала на Блискиот Исток.

Централната команда на САД на социјалните мрежи објави дека подморницата од класата Охајо влегла во нејзината област на одговорност, пренесуваат агенциите, повикувајќи се на Си-Ен-Ен.

Беше објавена и фотографија на која се гледа подморница во Суецкиот канал, североисточно од Каиро.

Војската ретко ги објавува движењата или операциите на својата флота од подморници со балистички и наведувани ракети, а оваа најава е јасна порака за одвраќање насочена кон Иран и неговите сојузници во регионот, се наведува во написите на медиумите.

Подморницата, која не е именувана, им се придружува на голем број други бродови на американската морнарица во областа, вклучувајќи и две ударни групи на носачи на авиони.

Соединетите Американски Држави објавија кон крајот на октомври дека нападнале два објекти во Сирија што ги користат иранската Револуционерна гарда и групите поддржани од Иран, по серијата напади врз американските сили во Ирак и Сирија.

Нападите уследија откако администрацијата на претседателот Џо Бајден вети дека ќе одговори на нападите врз американскиот персонал за кои Вашингтон ги обвини вооружените групи поддржани од Иран.

Според извештаите, нападите врз американските сили во регионот се зголемени по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, која започна на 7 октомври, кога палестинската група изврши напад без преседан врз Израел, за кој израелските власти велат дека убиле повеќе од 1.400 луѓе.

Најмалку 9.922 Палестинци се убиени во израелските напади врз Газа и окупираниот Западен Брег од 7 октомври.