„Од 2006 до 2015 година вкупно има извршено 331 убиство од кои 38 се нерасветлени. Тоа е периодот во кој денешната опозиција беше власт и ги предводеше институциите. За споредба, од 2017 до денес имаме 128 убиства од кои само 13 се нерасветлени“ рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вестите на Канал 5.
Тој додаде дека овие бројки покажуваат дека има намалување на криминалитетот и дека откривачката дејност е зголемена.
„Ако зборуваме за криминалитетот во првите девет месеци, имаме намалување за 11 отсто во споредба со минатата година. Тоа е тенденција да се намалува вкупниот криминалитет и да се зголемува ефикасноста“ рече Спасовски.
Во врска со критиките зошто МВР објавила фотографија од напаѓачот во Ист гејт, министерот објасни дека тоа е пракса насекаде во светот, а не знак за капацитетите на институцијата.
„Пред само еден ден имаше напад во САД по кој полицијата веднаш пристапи со објавување на фотографијата на напаѓачот, информирање на јавноста и барање информации за лицето. Тоа е нормална работа“ рече Спасовски.