Масовното пукање се случило во градот Левистон во сојузната држава Мејн, јави Си-Ен-Ен. Во таа престрелка загинаа најмалку 22 лица, додека 50 до 60 се ранети.
Убиецот е во бегство, а канцеларијата на шерифот на округот Андроскогин објави две негови фотографии. Се бара помош за откривање на осомничениот маж, кој според фотографиите има брада и носел кошула со долги ракави и фармерки.
Централниот медицински центар Левистон соопшти дека реагира на масовното пукање и дека се координира со регионалните болници за преземање пациенти.
Весникот „Сан Журнал“, повикувајќи се на портпаролот на полицијата на тој град, наведува дека станува збор за пукотници во три различни згради, меѓу кои и ресторан.
За сите настани биле информирани американскиот претседател Џо Бајден и гувернерката на Мејн Џенет Милс.