Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека палестинската група Хамас не е терористичка, туку ослободителна организација која се бори да ја заштити својата земја.
Обраќајќи им се на членовите на неговата партија во Парламентот, Ердоган рече дека Израел ги искористил добрите намери на Турција и нема да оди во Израел како што претходно беше планирано.
Ердоган, исто така, ја опиша акцијата на Израел во Газа како еден од „најкрвавите, најодвратните и најдивите напади во историјата“.
– Немаме проблеми со израелската држава, но никогаш, ниту ќе ги прифатиме злосторствата што ги прави Израел и фактот дека тој дејствува како организација, а не како држава – рече тој.
Тајмс оф Израел ја цитираше неговата изјава дека Израел „може да го гледа Хамас како терористичка организација заедно со Западот“.
– Западот должи многу таму. Но Турција не ви должи ништо. Хамас не е терористичка организација, тоа е група муџахедини кои ја бранат својата земја.
Ројтерс пренесува дека Ердоган во говорот пред пратениците на неговата партија во Парламентот рекол дека граничниот премин Рафа мора да се отвори за хуманитарна помош и дека веднаш треба да се заврши размената на заробеници.
Ердоган ги повика израелските и палестинските сили на итно примирје, истакнувајќи дека муслиманските земји мора да работат заедно за да воспостават траен мир. Од друга страна, турскиот лидер ги повика светските сили да извршат притисок врз Израел да ги запре нападите врз Појасот Газа.