10.8 C
Скопје
2. октомври 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Бајден: Односите меѓу САД и Виетнам влегоа во нова фаза

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денеска за време на неговата посета на Ханој дека односите на САД со Виетнам влегле во нова фаза.

Говорејќи на бизнис-форум, Бајден рече дека двете нации ја продлабочуваат соработката на полето на информатичката технологија, полуспроводниците и вештачката интелигенција, објави „Ројтерс“. Бајден нагласи дека Виетнам е клучен за минералните резерви од исклучително значење.

Лидерите на водечките американски и виетнамски компании од областа на полуспроводниците, информатичките технологии и авијацијата денеска се сретнаа во рамките на посетата на Бајден на Ханој. Директори од „Гугл“, „Интел“, „Амкор“, „Марвел“, „Боинг“ и други присуствуваа на самитот за иновации и инвестиции меѓу САД и Виетнам.

Од виетнамска страна учествуваа менаџери на производителот на електрични автомобили „Винфаст“, авиокомпанијата „Виетнам релајнс“, технолошката компанија ФПТ, како и интернет-компанијата ВНГ.

Според процените на Американскиот геолошки институт, Виетнам е втората земја во светот по наоѓалишта на ретки минерали што се користат во производството на електрични возила и турбини на ветер.

Деловниот состанок следува по договорот за подобрување на дипломатските односи меѓу САД и Виетнам во неделата.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, и виетнамскиот министер за инвестиции, Нгуен Чи Дунг, одржаа средба по што следуваа разговори со Бајден и виетнамскиот премиер Фам Мин Чин.