Американскиот спелеолог на кој му се слошило пред осум дена додека истражувал пештера на југот на Турција, на длабочина од повеќе од 1.000 метри, бил префрлен на локација на длабочина од 700 метри, соопшти денеска Турската спелеолошка федерација.
Марк Дики (40) доживеал абдоминално крварење додека го истражувал системот на пештерата Морка со меѓународен тим.
Нему му беа дадени вреќи со крв за трансфузија, а на спасувачката акција одговорија 150 турски и странски спасувачи. Неговиот транспорт на носилки започна вчера нешто пред 15:30 часот по локално време и траеше околу 10 часа.
Во спасувачката операција учествуваат спасувачки тимови од Бугарија, Хрватска, Унгарија, Италија, Полска и Турција, јавува Гласот на Америка.
Неизвесно е колку долго би можела да трае целата спасувачка операција поради сложеноста на ситуацијата.
Потпретседателот на Европската организација за спасување пештери, Вернер Заглер, наведува дека се зависи од тоа дали Дики постојано ќе биде на носилки за време на спасувачката операција или дали ќе може самостојно да се движи.
– Носалка со пациент е потешка отколку кога е празна, тоа е јасно, така што најголемиот предизвик е кога пациентот на носилка поминува низ тесни премини. Една идеја е дека ако неговата здравствена состојба е стабилна, можеби постои можност сам да ги помине сите тие тесни премини и да не биде на носилки – изјави Заглер.
Тој додава дека тоа би го скратило времето, но ако тоа не е можно и Дики мора постојано да биде во носилки, тогаш премините мора да се прошират со чекан и пила, доколку е потребно и со мали експлозии, така што пациентот на носила може да помине.
Според Заглер, ако Дики е надвор од носилки, можеби ќе биде надвор за три или четири дена, но ако е на носилки цело време, тоа може да потрае 12 или 14 дена.
Дики бил на експедиција чија цел била да го проучува системот на пештерата Морка, која е длабока 1.276 метри, но му се слошило на илјада метри.