Најмалку две лица загинаа, едно се води за исчезнато, а повеќе од 36.000 луѓе се евакуирани поради поплавите што ги донесе тропската бура Хаикуи во кинеската југоисточна крајбрежна провинција Фуџијан, соопштија локалните власти.
Двајца пожарникари загинаа, а еден полицаец се води за исчезнат кога противпожарно возило беше однесено од вода за време на спасувачка мисија, јавија кинеските државни медиуми, пренесе АП.
Во Фуџијан летовите се прекинати, како и училиштата и метрото.
Метеоролозите соопштија дека врнежите ги собориле рекордите во последните 12 години во главниот град на провинцијата Фужоу со 554 милиметри на квадратен метар во вторникот и дека 49 акумулации ги надминале границите за заштита од поплави, објави „Ројтерс“.
Оштетена е електричната мрежа и комуникациската инфраструктура, а поплавени се повеќе од 4.100 хектари земјоделско земјиште предизвикувајќи штета од 75 милиони долари, објавија кинеските државни медиуми.
На социјалните мрежи беа објавени фотографии од поплавените улици во Фужоу и Фукинг со автомобили заробени во вода.
Врнежи се очекуваат до петок во централните и јужните делови на провинцијата Фуџијан.
Деновиве поплавите предизвикуваат хаос во цела Европа, најмногу во Грција, Турција и во Бугарија.