13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Администрацијата на Бајден промовираше стратегија за борба против антисемитизмот

Американскиот претседател Џо Бајден вчераутро промовираше досега невидена сеопфатна стратегија за борба против антисемитизмот, покренувајќи план што предизвика дебата меѓу еврејските организации, пренесува „Џерусалем пост“.

Националната стратегија за борба против антисемитизмот, претставена на 60 страници, беше објавена со видео презентација и разговор во живо меѓу нејзините двајца ‘архитекти’ – Сузан Рајс, главен советник за внатрешна политика на Бајден Даг Емхоф, првиот еврејски брачен другар на американски потпретседател.

Бајден, кој не присуствуваше на промоцијата, но беше прикажан во снимена порака, го нарече планот најамбициозна и најсеопфатна владина иницијатива во борбата против антисемитизмот, која вклучува 100 нови активности што ќе ги преземе администрацијата за да ја подигне свеста за антисемитизмот и неговата закана за американската демократија, да ги заштити еврејските заедници и да изгради солидарност меѓу заедниците.

„Овој план ќе спаси животи. Антисемитизмот може да се порази само со обединети напори. Не смееме да ја нормализираме омразата забележана низ нашата нација“, истакна Емхоф, за кого планот е значаен и на лично ниво.

Рајс рече дека Меморијалниот музеј на холокаустот на САД догодина ќе го отвори првиот образовен истражувачки центар за Холокаустот со седиште во САД.

“Осумдесет и пет проценти од Американците веруваат во барем една антисемитска тропа,“ посочи Рајс, нарекувајќи ја статистиката неприфатлива.

Aдминистрацијата првично се надевала дека ќе ја промовира стратегијата, на која се работи од декември, на настанот за Месецот на еврејското американско наследство минатата недела во Белата куќа. Но, тоа беше одложено поради загриженоста меѓу лидерите на еврејската заедница за тоа како ќе се дефинира терминот „антисемитизам“.

Планот се очекуваше да ја прифати „работната дефиниција“ на антисемитизмот, промовирана во последните години од Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА), чии примери на антисемитизам вклучуваат употреба на „двојни стандарди“ кога го критикуваат Израел и го нарекуваат „расистички потфат“.

Набљудувачката група StopAntisemitism, пак, тврди дека планот на администрацијата на Бајден е промашување по сите точки.

„Спротивно на советите, во стратегијата не се користи дефиницијата на ИХРА за да го разграничи она што се смета за антисемитизам, и користи кус параграф кој ја содржи инфериорната, конкурентна дефиниција на Нексус“, велат од групата.

Според нив, „некористењето на ИХРА како основен водич создава јаз и иако планот признава дека Евреите биле мета поради нивната поврзаност со Израел, тој не го именува антиционизмот како примарна форма на антисемитизам“.

„Планот, исто така, не дозволува антисемитизмот да стои сам, бидејќи постојано споменува планирани извршни активности за борба против ‘антисемитизмот, исламофобијата и сродните форми на пристрасност и дискриминација’. Борбата против исламофобијата и другиот фанатизам е одлична цел, но таа не припаѓа во оваа конкретна антисемитистичка стратегија,“ велат од групата.

Спонзорирано: