4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Габриел ќе формира бугарска влада со најголемиот непријател на ГЕРБ

Поранешната еврокомесарка Марија Габриел е блиску до формирање нова бугарска влада како дел од сложениот политички договор со главниот непријател на нејзината централно-десничарска партија ГЕРБ – реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков.

Според неочекуваниот договор постигнат во понеделникот, двете партии ќе ротираат премиери за период од по девет месеци, а Габриел ќе почне како вицепремиер.

Според договорот меѓу ГЕРБ и ПП, во првите девет месеци премиер би бил поранешниот министер за образование и професор по хемија, Николај Денков, од партијата на Петков, а Габриел како вицепремиер и министер за надворешни работи. Тие потоа би ги смениле улогите по девет месеци.

„Марија Габриел е личноста која може да помогне со некои од најважните приоритети во нашата програма. Немаме подобар наш претставник во европските институции“, изјави Денков, член на Бугарската академија на науките.

Габриел ја напушти работата како бугарски еврокомесар на барање на нејзиниот политички покровител, поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, кој ја номинираше за кандидат за премиер на 10 мај.

Изненадувачкиот договор се појави непосредно пред Габриел да се сретне со бугарскиот претседател и да му предаде празна папка, што би значело дека не успеала да обезбеди мнозинство и да формира влада.

Габриел во неделата доживеа уште едно непријатно изненадување откако лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, ја повлече својата поддршка за неа.

Но, дури и со поддршка од партијата на Трифонов, на Габриел ѝ недостасуваа уште пет пратеници за да добие мнозинство во парламентот.

Со оглед на тоа што остана само една партија да ја поддржи – мнозински етничко турското Движење за права и слободи (ДПС) – аналитичарите предвидоа дека Бугарија ќе оди на уште едни предвремени избори, по петти пат во две години.

За време на оваа долга криза, политичкиот живот на Бугарија беше обележан со дистанцирањето од ГЕРБ и Борисов, со кои ниту една друга политичка партија не сакаше да влезе во коалиција. Борисов е обвинет дека создал клиентелистички систем на владеење.

Според бугарскиот изборен закон, кога партијата што освоила најмногу гласови не успева да формира влада, претседателот ѝ го дава мандатот на втората партија по големина.

ГЕРБ има 69 пратеници, а ПП имаат 64 пратеници иако би можеле да добијат солидно мнозинство со поддршка од 36-те пратеници на ДПС.

Денков истакна дека новата влада ќе биде посветена на уставните и судските реформи; буџетски дефицит во рамките на прагот од 3% утврден со Пактот за стабилност и раст на ЕУ, кој ѝ овозможува на Софија да притиска за влез во еврозоната; промена на изборниот законик и законски измени за чистење на безбедносните служби од странско влијание.

Според анкетите, големо мнозинство од поддржувачите на ПП отфрлаат коалиција со ГЕРБ. Извори на ЕУРАКТИВ велат дека голем број политичари од ГЕРБ се подеднакво критични кон коалиција со партијата на Петков.

Експертите велат дека ако предложената влада стапи на должност, ова ќе биде голема победа за Борисов, кој ќе избега од политичкта изолација и ќе се врати на власт, иако не како премиер.