Единаесетмесечно бебе во Португалија починало откако чекало шест часа да биде префрлено од една во друга болница. Имено, бебето чекало да биде префрлено од болницата Протимао во болницата Фаро, кои се оддалечени 50 минути возење една од друга. Примарната дијагноза била дека бебето има бронхитис, а потоа било откриено дека има тешка инфекција на крвта, односно септикемија.
Според истрагата која била спроведена, страшната трагедија се случила поради недостиг на стручен кадар кој би обезбедил превоз. Поради ова, во целиот случај морало да се вклучи и хеликоптер, но реакцијата доцнела, пишува „Мирор“.
Во првите извештаи на лекарите, кои подоцна ги побиле раководителите на болницата, било наведено дека детето починало откако шест часа чекало да биде префрлено во друга болница.
Португалскиот дневен весник „Кореио да Манха“ објави дека лекарите првично барале трансфер во болницата Санта Круз во Лисабон, главната кардиолошка болница, пред да биде донесена одлуката бебето да се пренесе со хеликоптер во болницата Фаро.
Портпаролот на португалскиот национален институт за итни медицински услуги, агенција на Министерството за здравство, изјави дека постапката за патување со хеликоптер е започната бидејќи состојбата на бебето нагло се влошила.
Шефот на португалскиот синдикат на болнички техничари, Руи Лазаро, истакна дека медицинскиот персонал морал да биде поажурен и да излезе со друго решение.
„Тие навистина не ги разгледаа опциите што ги имаа“, рече тој.
Наведено е дека срцето на детето застанало поради воспаление предизвикано од бактериски инфекции.
Болнички извори изјавија дека на бебето му биле дадени антибиотици откако му бил дијагностициран бронхитис и прогнозата била добра, но во болницата било откриено дека боледува од септикемија.
Синдикатот изјави дека ова не е првпат службите за итни случаи да не можат навреме да реагираат.