22.8 C
Скопје
29. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТТОП ВЕСТИ

„Нема да воведеме санкции за Русија“ – Ердоган вели дека има добри односи со Путин, а пристапот на Западот не е балансиран

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека има посебен однос со рускиот претседател Владимир Путин, кој напредува, и го критикува Западот дека нема балансиран пристап кон Москва.

„Нема да воведуваме санкции кон Русија, како што тоа го направи Западот. Русија и Турција си требаат една на друга на сите можни полиња“, рече Ердоган во интервју за Си-ен-ен.

Тој посочи дека Западот треба да го следи неговото однесување.

„Западот нема балансиран пристап, а вам ви треба балансиран пристап кон земја како Русија“, рече Ердоган.

Говорејќи за продолжувањето на договорот за жито, турскиот претседател рече дека тоа е можно поради неговиот „специјален однос со претседателот Путин“.

Во врска со прашањето за членството на Шведска во НАТО, Ердоган рече дека Анкара не може да го поддржи нејзиното членство во алијансата сè додека Шведска продолжува да „дозволува терористичките групи слободно да шетаат“ во земјата.

„Во моментот не сме подготвени за Шведска бидејќи членка на НАТО треба да има цврст став кога е во прашање борбата против тероризмот“, рече тој.

Ердоган го критикува американскиот претседател Џо Бајден, кој го нарече автократ.

„Дали диктатор некогаш би отишол во втор круг на избори?“, праша турскиот претседател.

Додаде дека е оптимист за вториот круг од претседателските избори.

„Ова е ново искуство за турската демократија. Верувам дека мојот народ на изборите следната недела ќе гласа за силна демократија“, рече Ердоган.

Турскиот претседател ги отфрли обвинувањата дека ја задушува слободата тврдејќи дека никој во Турција не е зад решетки поради своите идеи.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи во Турција на 28 мај откако Ердоган во првиот круг освои 49,51 отсто од гласовите, а неговиот главен противкандидат освои 44,8 отсто од гласовите.