Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
СветТОП ВЕСТИ

Американски сенатори предлагаат закон за укинување на новиот СТАРТ

Неколку американски сенатори во четвртокот ја повикаа администрацијата на претседателот Џо Бајден да го откаже последниот договор за контрола на нуклеарното оружје со Русија, новиот СТАРТ, откако Москва го прекина своето учество во него во февруари, пренесува „Ал Арабија“.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва нема да дозволи американски инспекции на нејзините нуклеарни локации откако Вашингтон почна да ја поддржува и да ја вооружува Украина.

Според САД, договорот, кој беше продолжен до 2026 година од администрацијата на Бајден, наметнува проверливи граници на сите нуклеарни оружја со интерконтинентален дострел распоредени од Русија.

„Договорите не се ефикасни кога едната страна лаже и мами. Видовме докази во последната деценија дека Русија веќе не ги почитува своите обврски од новиот СТАРТ“, рече сенаторот Марко Рубио откога група републикански сенатори го претставија законот за укинување на СТАРТ.

Рубио истакна дека е неодговорно и опасно Вашингтон да се ограничи еднострано наспроти растечкото непријателство во странство, имено од Кина.

Во понеделникот, според обврските во договорот и покрај тоа што претходно ветија дека ќе престанат да ги споделуваат овие информации, САД јавно ги објавија податоците за својот нуклеарен арсенал и ја повикаа Русија да возврати на истиот начин.

Клучниот републикански сенатор во Комитетот за надворешни односи при американскиот Сенат рече дека новиот закон ќе ги поправи грешките на САД со условување сите идни договори за контрола на оружјето со Русија и со Кина да ги вклучуваат сите класи нуклеарно оружје.

„Мора да бидеме подготвени за стратешко опкружување, во кое САД се соочуваат со два нуклеарни ривала – Кина и Русија“, нагласи сенаторот Џим Риш.

Сенаторот Том Котон, од друга страна, ја критикува администрацијата на Бајден за продолжување на договорот и рече дека САД треба да ги зајакнат своите нуклеарни сили.

„Новиот СТАРТ ја прикова Америка додека Владимир Путин со години ги користи недостатоците во договорот“, рече Котон.