13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Радев му се пожали на Вархеји заради невнесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија

Само преку почитување на човековите права и принципите на добрососедство Република Северна Македонија може да напредува во процесот на европска интеграција. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со еврокомесарот за проширување и дпбрососедска политика Оливер Вархеји, пренесуваат бугарските медиуми.

Радев на почетокот на средбата истакна дека Бугарија високо ја цени активната работа и рационалниот пристап на Европската комисија и лично на комесарот за забрзување на процесот на европска интеграција на земјите од Западниот Балкан, што е особено важно за гарантирање на стабилноста и безбедноста на Европа.

Радев потсети дека токму како резултат на неговите плодни средби со комесарот Вархеи и активната заедничка работа е развиена преговарачката рамка, која го отвора патот за Северна Македонија кон Европската Унија, а во исто време ја гарантира заштита на правата на Бугарите во земјата и на бугарското културно-историско наследство.

Бугарскиот претседател, како што јавуваат бугарските медиуми, изразил загриженост поради недостигот на напредок за најважното прашање, што е и задолжителен услов за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ – промена на Уставот и на вклучување на Бугарите како составен дел од него.

„Сведоци сме на зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, зголемени злосторства од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија“, нагласил Румен Радев.

Шефот на бугарската држава ги потенцирал, како што вели, систематските притисоци и нападите на бугарските клубови во Северна Македонија во последните месеци, како и донесувањето на закон со ретроактивно дејство врз фондациите и граѓанските здруженија, врз основа на кој беа затворени два бугарски клуба.

Бугарија високо ја цени реакцијата на европските институции и острата осуда за одбивањето на Северна Македонија на 6 мај да го прими европратеникот Андреј Ковачев на своја територија, истакна Радев.

„Очекуваме вакви реакции не само кога се засегнати правата на пратениците во Европскиот парламент, туку и на обичните европски граѓани, граѓани на РСМ со бугарска самосвест“, додава тој.

Комесарот Вархеји, изразил разбирање на Европската комисија за важноста на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија и посочил дека забрзувањето на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се постигне само доколку е прифатливо за сите земји. Комесарот Вархеји исто така, на средбата со Радев кажал дека критериумите од Копенхаген се јасно наведени и недвосмислени и ЕК ќе продолжи да ја следи нивната имплементација, пишуваат бугарските медиуми.

Спонзорирано: