12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Пензионер од Италија треба да плати голема казна oти закрпил дупка на патот

Италијанскиот пензионер Клаудио Трента (72) вети дека ќе се бори против казната од речиси 900 евра за санирање на дупка на патот.

Трента бил толку фрустриран од неуспехот на локалните власти да ја поправат дупката од 30 сантиметри на пешачки премин во Барласина, мало гратче во Ломбардија, што решил сам да ја асфалтира.

Поради ова тој доби казна од 882 евра со што се отвори голема дебата меѓу италијанската јавност. Во објава на Фејсбук, Трента сподели фотографија од писмото што го добил од полицијата во кое го обвинуваат дека ги прекршил правилата. Тој е казнет за вршење на потенцијално опасна работа на јавен простор без дозвола или овластување за тоа.

На мажот му било наредено да ја врати дупката во првобитната состојба.

„Ако мислат дека сум идиот, грешат. Ме испровоцираа, па сега поднесувам тужба против советот поради негрижа“, изјави тој за Corriere della Sera.

Тврди дека дупката ја пријавил кај локалните власти неколку пати во текот на три месеци.

Трента ја доби поддршката од јавноста од цела Италија.

„Денеска испратив протестна електронска пошта до градското собрание на Барласина. Свесен сум за реалноста во Калабрија и Сицилија, каде улиците се претворени во дупки и ако луѓето не направат нешто сами, се’ ќе пропадне“, напиша еден граѓанин на Фејсбук.

„Советот треба да ви ги врати парите потрошени за асфалтот“, додаде друг.

Во дискусијата се вклучи Виторио Сгарби, потсекретар во Министерството за култура.

„Покрај законот за патишта, постои и здрав разум. Здравиот разум требаше да ја наведе локалната полиција да му се заблагодари на овој господин“, нагласи тој.

Дебаклот од дупките привлече значителен медиумски интерес, а Трента е поканет да се појави во програмата Mediaset Le Jeune утре вечер за да даде повеќе детали за случајот.

„Не сум навикнат на целиот овој публицитет. Ќе се борам до крај оваа казна да биде укината затоа што според мене е неправедна. Зошто да ме казните мене наместо оние кои знаеле за проблемот и не интервенирале?“ праша тој.

Спонзорирано: