Како што пишуваат хрватските медиуми, студенти од хрватскиот град Загреб и Србија демолирале хотел во Охрид во кој престојувале на петдневна екскурзија. Менаџерот на хотелот во изјава за „24сата.хр“ се пожалил дека загрепските студенти биле агресивни.
„Разбираме дека се работи за млади луѓе, но мора да се преземат мерки. Имаме големи групи студенти, но ова досега не сме го имале, никогаш немало проблем“, вели менаџерот на охридскиот хотел.
На објавеното видео од хрватскиот медиум може да се види скршен хотелски инвентар, искршени прозорци, пивски шишиња на покривот, тоалет кој изгледа како да е запален. Наводно, студентите палеле факели во собите и ходниците. Луѓето кои го погледнале видеото, го осудуваат насилното однесување на младите и велат дека вакво нешто досега не виделе.