3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ: Загрижува изградбата на полициски бази на северот на Косово

Основањето четири полициски бази на северот од Косово предизвикува загриженост, соопшти Европската Унија и ја повика Приштина строго да се придржува до законските процедури и да ги почитува правата на сопствениците при експропријацијата на недвижниот имот, пренесува „РТ Балкан“.

„Воспоставувањето четири бази на косовската полиција на земјиште во приватна и општествена сопственост, во некои случаи и пред поведување на постапката за експропријација, предизвикува загриженост за правата на сопственост на северот од Косово, а властите мора соодветно да го решат тој проблем“, се вели во соопштението на канцеларијата на ЕУ во Приштина.

Во врска со прелиминарната одлука на владата во Приштина за експропријација на земјиште во општините Зубин Поток и Лепосавиќ, ЕУ нагласува дека секој процес на експропријација предвидува претходно известување и сеопфатни информации на сопствениците на недвижности, нивното право да коментираат за бараната експропријација, можноста за соодветен правен лек и нивна соодветна компензација пред процесот.

„ЕУ апелира до властите во Приштина строго да се придржуваат до законските процедури за експропријација на недвижен имот, да направат сè што е во нивна моќ за да се погрижат да се следи соодветниот процес и дека целосно ќе се почитува правото на сопственост на сопствениците на земјиштето што е наменето за експропријација или се заинтересирани за тоа“, се наведува во соопштението.

Косовските власти почнаа со изградба на полициски бази на земјиште во приватна и општествена сопственост во општините Зубин Поток и Лепосавиќ, но по притисокот од Србите и нивните претставници, како и од претставници на меѓународни организации и амбасади, одржаа јавна дебата со сопствениците, правните експерти и локалната самоуправа, на која граѓаните се изјаснија против незаконската конфискација на земјиштето.

Спонзорирано: