13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ забележува сериозни пропусти во скапиот грчки модел на бегалски кампови

Три неодамна изградени бегалски кампови финансирани од ЕУ на грчките острови во Егејското Море, рекламирани од официјалните претставници на ЕУ како нова генерација објекти со подобрени услови за живеење и процедури за азил, едвај обезбедуваат основни услуги и заштитни мерки, дури и за најранливите баратели на азил, откриваат интерните документи на ЕУ до кои дошла „Ал џезира“.

Според интерната кореспонденција, претставниците на ЕУ, кои ги надгледуваат операциите во камповите на островите Самос, Лерос и Кос, пријавуваат речиси секојдневни проблеми: од недостиг на персонал, кој ги одложува процедурите за азил, до наводи за сексуално и друго насилство, што влијае врз децата.

Т.н. затворени центри со строго контролиран пристап беа создадени за да ги заменат неквалитетните шаторски градови, кои никнаа откога огромен број азиланти пристигнаа во Европа преку грчките острови по 2015 година.

По пожарот од 2020, кој го уништи пренатрупаниот камп „Морија“ на Лезбос, Атина и Брисел ветија дека ќе го реформираат системот за управување со азил и миграција и инвестираа 276 милиони евра од фондовите на ЕУ во пет нови кампа, кои беа рекламирани како модел за другите влади за хумани и безбедни кампови.

Европската комисија се појавува како партнер на Грција и клучен финансиер на експериментот за усогласување на претходно пеколните грчки кампови со стандардите за азил на ЕУ.

Документите од интерната коресподенција, кои го покриваат периодот од март 2022 година до февруари годинава, нудат редок приказ на хроничните проблеми во камповите додека Брисел и Атина ги фалат, а Нова демократија на Мицотакис дури го посочува кампот на Самос – на кој се потрошени од 43 милиони евра – како пример за успесите на неговата администрација за управување со миграцијата.

И покрај големите инвестиции во високотехнолошка опрема за надзор и персонал за обезбедување, претставниците на ЕК на Самос забележале голем број сериозни безбедносни предизвици.

Во логорот на Самос, каде што има повеќе безбедносен персонал отколку азиланти, има недостиг од специјализирани старатели за малолетници без придружба, кои се сместени во одредени т.н. безбедни зони во камповите. Во јуни беше пријавен и случај на сексуален напад врз седумгодишно дете во кампот.

На Лерос се документирани речиси секојдневни проблеми со насилства и вандализам во сместувањето на малолетниците, а 40 деца се оставени без старатели повеќе од една година.

ЕК изразила загриженост поради недостигот од преведувачи, што ги одложува сите процедури – од првичните регистрации до интервјуата за азил – и честопати строго ограничениот пристап до здравствената заштита во камповите поради немање лекари.

Граѓанските организации темелно ги документираа супстандардните услови и недоволните услуги во камповите, што грчките власти ги отфрлаат како политички мотивирани или лажни вести.

Во писмо испратено овој месец неколку невладини организации ги повикаа грчките властите да го затворат кампот на Самос наведувајќи го недостоинственото постапување кон малолетниците без придружба и понатамошното влошување на условите во кампот.

„Постои остар контраст помеѓу начинот на кој овие центри се јавно претставени и реалноста на луѓето што живеат во нив“, напишаа Грчкиот совет за бегалци и „Оксфам“ во неодамнешниот поднесок до европскиот омбудсман заклучувајќи дека објектите ги влошуваат наместо да ги ублажат грижите за основните човекови права.

Спонзорирано: