21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Американската војска заплени пратка хероин од Иран вредна 80 милиони долари

Американската војска соопшти во средата дека во Оманскиот Залив запленила хероин во вредност од 80 милиони долари на рибарски брод кој испловил од Иран, пренесува „Ал Арабија“.

Според соопштението на Централната команда на американските поморски сили (НАВЦЕНТ), пресретнувањето во средата го извршил кутер за брза реакција на американската крајбрежна стража.

Американскиот брод „Глен Харис“ е дел од Комбинираната оперативна група (КОГ)150, една од четирите оперативни единици кои го формираат најголемото мултинационално поморско партнерство во светот.

Од НАВЦЕНТ соопштија дека на брод што транзитирал во меѓународни води по испловувањето од Чах Бахар, Иран, биле пронајдени 1.964 килограми хероин.

„Многу сум горд на мојот екипаж и на сето она што успеавме да го постигнеме како тим оваа недела. Овде сме за да работиме со регионалните партнери и да ја прекинеме секоја дестабилизирачка поморска активност “, истакна командантот на бродот, поручник Ник Џебс.

Акцијата доаѓа само два дена по запленувањето пратка метамфетамин и хероин вредна 30 милиони долари во меѓународни води на брод кој испловил од истото иранско пристаниште.

Претходната заплена на „Глен Харис“ на 8 мај вклучуваше 580 килограми метамфетамин и 35 килограми хероин.

„Глен Харис“ пристигна на Блискиот Исток минатата година како дел од контингентот американски кутери на крајбрежната стража кои се распоредени во регионот како дел од Патролните сили за Југозападна Азија.

Од 2021 до 2022 година, американските и меѓународните поморски единици на Блискиот Исток заплениле нелегална дрога со вкупна вредност од 1 милијарда долари. Само годинава тие заплениле дрога со проценета улична вредност во САД од повеќе од 250 милиони долари.

Овие напори помагаат да се обезбеди легитимен комерцијален бродски транзит низ регионот без закани од незаконски поморски ентитети.

Спонзорирано: