10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Транснистрија побара од Русија да го зголеми бројот на мировници

Властите на молдавскиот отцепен регион Транснистрија (непризнатата Приднестровка Молдавска Република) бараат од Русија да го зголеми бројот на мировници.

Леонид Манаков, шеф на канцеларијата на Транснистрија во Русија, вели дека ова е оправдано со оглед на зголемувањето на безбедносните ризици.

„Мировниците се главниот безбедносен фактор на (бреговите на) Днестар и претставуваат главна пречка за Украина и Молдавија. Сè додека руската мировна мисија продолжува, Молдавија не може да крои никакви воени планови и подготовки против Приднестровие“, вели тој.

Според Манаков, зголемувањето на бројот на руските мировници е законски можно и дека таквата опција е оправдана во случај на провокации и терористички закани, но и на сметка на Русите што живеат во Транснистрија.

„Русија уште во 1995 година со еднострана одлука, што не беше договорена на ниво на заедничката комисија за контрола, го намали бројот на сопствениот контингент на два мотострелачки баталјона иако првично имаше шест. Во моментот во безбедносната зона во Транснистрија постојано се ангажирани најмногу 450 руски мировници. Нивниот редовен број, пропишан со документите на комисијата, би требало да изнесува 3.100“, истакна Манаков во интервју за РИА.

Отцепениот регион Транснистрија, во кој 60 отсто од жителите се Руси и Украинци, е меѓународно признат како дел од Молдавија, но е под контрола на проруските сепаратисти по двегодишниот конфликт и неуспешниот обид на молдавските власти да го решат проблемот со сила во 1990-1992 година.

Руските мировни сили се таму од 1992 година – кога заврши активната фаза на воениот конфликт во регионот – како дел од заедничката комисија за контрола, заеднички сили во регионот составени од руски, молдавски и транснистриски мировници.

Во Транснистрија, која бараше отцепување од Молдавија уште пред распадот на СССР плашејќи се дека Молдавија ќе ѝ се придружи на Романија во бранот национализам, е распоредена и оперативна група руски војници, која ги чува оружјето и муницијата и помага во спроведувањето на мировната мисија.

Спонзорирано: