21.8 C
Скопје
16. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
fon der lajen
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Фон дер Лајен во Украина на Денот на победата

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен треба да ја посети Украина на 9 мај, на Денот на победата, односно на Денот на Европа во Украина, а во Киев ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски, пренесува „Еурактив“.

Целта на посетата и на средбата, петта средба на Фон дер Лајен и Зеленски од почетокот на војната во Украина, е да се реафирмира непоколебливата поддршка на ЕУ за Украина, посочија од Европската комисија.

„Посетата ќе се фокусира на сите димензии на нашите односи со Украина и има за цел да ја потврди непоколебливата поддршка на ЕУ за таа земја“, изјави портпаролот на ЕУ, Ерик Мамер.

Во изминатите неколку месеци, украинското раководство во повеќе наврати изрази аспирации за членство во ЕУ, а се очекува пристапните преговори да започнат на крајот на годинава.

Европската комисија препорача Украина да добие кандидатски статус во јуни 2022 година и во таа насока треба да објави оценка за напредокот на земјата на нејзиниот европски пат до крајот на годината.

Во ЕК се очекува и усна презентација на седум реформски препораки на извршната власт на ЕУ, што се очекува во наредните недели. Комисијата не објави дали гореспоменатата усна оценка ќе ѝ биде доставена на украинската страна за време на посетата на Фон дер Лејен.

Мамер посочи дека средбата ќе се одржи на годишната прослава на европското единство наречен Ден на Европа, кој се поклопува со Денот на победата во Втората светска војна.

Украинскиот претседател претходно денеска потпиша указ врз основа на кој 9 мај во Украина ќе се одбележува како Ден на Европа, а испрати и предлог до украинската Рада 8 мај да се прогласи за ден на сеќавање и победа над нацизмот во Втората светска војна.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, реагираше на указот на украинскиот претседател, нарекувајќи го Зеленски нова инкарнација на Јуда.

„Со преименувањето на Денот на победата – 9 Мај, Зеленски засекогаш ги предаде своите предци, оние што се бореа во редовите на Црвената армија, оние што страдаа и беа мачени во концентрационите логори и оние што работеа за победа во заднината. Една за сите“, напиша Захарова на „Телеграм“.

„Што може да биде полошо од непријател? Предавник, ете, на пример, Зеленски. Нова инкарнација на Јуда во 21 век. Фашистички соработници 80 години подоцна“, заклучи Захарова.

Спонзорирано: