11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Романија бара решение на ниво на ЕУ за недостигот од лекари

И покрај масовната миграција на Запад – во ЕУ, САД и во Канада – во Романија е зголемен бројот на лекари, но тој сè уште не е доволен, а засегнатите страни бараат решенија на ниво на ЕУ со соодветна примена на Фондот за обнова по пандемијата, пренесува „Еурактив“.

Романските властите не знаат точно колку лекари ја напуштиле земјата по влезот во ЕУ во 2007 година.

„Во последните пет години има зголемување на бројот на лекари во Романија, сега сме поблиску до европскиот просек – моментно имаме 346 лекари на 100.000 жители – но, тоа не е доволно“, истакна романскиот министер за здравство, Александру Рафила, во март на состанокот на високо ниво за човечките ресурси во здравството во регионалната канцеларија за Европа на СЗО во Букурешт.

Сè понесразмерната миграција на здравствените работници во ЕУ резултира со криза на работната сила во неколку земји членки, кои сега се соочуваат со недостиг од кадар, што ја доведува во опасност одржливоста на нивните здравствени системи.

Според Националниот институт за статистика (ИНС), Романија во моментот има околу 65.000 лекари – повеќе отколку во 2018 година кога земјата одлучи значително да ги зголеми платите на здравствените работници.

Со поддршка на СЗО, Романија во 2022 година ја усвои својата прва стратегија за развој на здравствената работна сила. Министерот за здравство изрази надеж дека до 2030 година ќе се решат регионалните проблеми поврзани со здравствените човечки ресурси.

Романија, меѓу другите иницијативи, ќе развива пилот-проект за подобрување на условите за живеење и пристапноста во руралните области за да ги привлече здравствени работници. Во таа насока романскиот премиер Николае Чука ги истакна и проблемите со здравствената инфраструктура.

„На болничката инфраструктура во Романија ѝ се потребни инвестиции и опрема по највисоки стандарди. На граѓаните им требаат квалитетни медицински услуги и побезбедни болници“, рече Чука во април.

Многу болници во земјата се соочуваат и со недостиг од основни материјали и лекови, вклучително и за рак, а лекарите се принудени да ги испраќаат потешките случаи во болниците во универзитетските градови.

Според истрагата на „Диги 24“, околу 25 окрузи во земјата во моментот немаат радиолог, а во други има само еден онколог на десетици илјади жители.

Романскиот европратеник Тудор Чиуходару, потпретседател на Поткомитетот за јавно здравје и член на Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната, предлага изградба на модуларни мултифункционални медицински центри со средства од ЕУ за решавање на недостигот од капацитети и професионалци.

„Предлагам стандард на ЕУ за квалитетно здравје. Европскиот граѓанин, без разлика дали е во Јаши, Брисел или во Париз, да има корист од истата здравствена заштита, истиот пристап до истраги или напредни медицински процедури“, истакна тој.

Според Чиуходару, „дури и ако здравствените системи се наоѓаат во рамките на земјите членки, некои програми за мајки и деца, кардиоваскуларни патологии, мозочни удари итн., може да се финансираат со средства од ЕУ“.

Тој посочува дека поддршката на ЕУ за здравствените системи на земјите членки би можела да наликува на Европскиот механизам за цивилна заштита, но би била постојана наместо да се активира само кога ќе се појави криза.

Спонзорирано: