21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ со жестоки критики за распуштањето на управувачкиот тим на ЗСО

Разрешувањето на управувачкиот тим кој беше задолжен за исработка на статутот за Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) од страна на косовскиот премиер Албин Курти, само еден ден по последниот состанок на високо ниво со Србија во Брисел, поддржан од ЕУ, предизвика жестоки критики од ЕУ.

Курти се сретна завчера со српскиот претседател Александар Вучиќ на последниот од низата разговори поддржани од ЕУ за нормализирање на односите меѓу двете земји на кој главна тема на агендата беше спорното формирање на ЗСО, етничко српско здружение на северот од Косово, кое, според Белград, ќе им овозможи на Србите поголема автономија и права.

На состанокот, управувачкиот тим претстави верзија на потенцијална рамка за ЗСО, но Курти ја отфрли како неуставна и, наместо тоа, претстави сопствена рамка за ЗСО, за која рече дека е во согласност со основните закони на Косово и ќе ги намали етничките тензии.

Само ден по тој состанок, Курти даде зелено светло на наредбата за разрешување на целиот тим назначен од претходната влада, што не беше добро прифатено во Брисел, каде што портпаролот на ЕУ, Петер Стано, предупреди дека тимот мора да биде функционален до моментот кога ќе се договори и имплементира ЗСО.

„Договорите за дијалогот јасно кажуваат дека управувачкиот тим мора да биде во функција се додека не се одобри статутот на Заедницата за општини со српско мнозинство (ЗСО). Секоја одлука во врска со управувачкиот тим мора да биде одобрена во рамките на дијалогот олеснет од ЕУ,“ рече Стано, истакнувајќи дека одлуката на Приштина „го крши словото и духот на договорите за дијалог“.

Стано додаде дека посредниците на ЕУ во дијалогот, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, ќе ги поканат главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, да започнат преговори за статутот и дека уравувачкиот тим ќе биде поканет да учествува ако е тоа потребно.

„ЕУ како посредник ќе ги покани главните преговарачи и нивните експерти во Брисел за да започнат преговори за Статутот. Очекуваме двете страни да се вклучат во процесот конструктивно и со добра волја и брзо да ги завршат преговорите,“ истакна тој.

Претходно во средата, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија при владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека одлуката за распуштање на управувачкиот тим е еднострана и незаконска и оти укинувањето на тимот води кон укинување на ЗСО.

„Ниту Курти ниту неговиот т.н. министер за локална самоуправа нема право на ваков потег бидејќи мандатот на управувачкиот тим не завршува со презентација на нацрт-статутот на ЗСО, туку има важна улога во процесот на формирање на ЗСО до формирањето на заедницата. Со овие изнудени потези Курти недвосмислено покажува дека не сака ниту мир ниту дијалог. ЕУ мора итно да го запре беззаконието на Курти бидејќи укинувањето на управувачкиот тим води кон укинување на ЗСО, а со тоа и кон укинување на процесот на дијалог “, предупреди Петковиќ.

Во меѓувреме, германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде изјави за РТК дека ЗСО мора да биде во согласност со уставот на Косово.

„Далеку сме од тоа да ја сфатиме природата на ЗСО, но Германија ќе продолжи да го поддржува целосното спроведување на сите договори кои се прифатени и потпишани во Брисел, како и да го поддржува Косово. Отсекогаш сме велеле дека секаков вид на статут мора да биде според Уставот на Косово“, изјави Роде за РТК.

Германскиот дипломат, сепак, ја критикуваше косовската влада за разрешување на управувачкиот тим, велејќи дека тоа не е во согласност со бриселските договори.

Спонзорирано: