Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти во средата дека нејзини агенти спречиле саботажа во објект на енергетскиот систем во градот Керч на Крим, додавајќи дека е уапсен украински агент со рачно изработена бомба, пренесува „Спутник“.
„Федералната служба за безбедност на Русија во градот Керч во Република Крим спречи саботажа на објект од енергетскиот систем на полуостровот. Како резултат на преземените мерки, уапсен бил државјанин на Русија и Украина (52) кој бил вклучен во подготовката на ова злосторство,“ се вели во соопштението на ФСБ.
Во домот на уапсениот се запленети импровизирана експлозивна направа и средства за комуникација како и преписка со претставник на украинските специјални служби кои ги координирале неговите диверзантски активности.
Осомничениот диверзант е во притвор, а против него е покрената кривична постапка по два члена од Кривичниот законик на Русија кои предвидуваат затворска казна од 20 години до доживотен затвор.
Во друго соопштение од ФСБ објавено вчера се известува дека жител на Крим бил осуден на 10 години затвор за предизвикување пожар во канцеларија за регрутација и за подготвување напад на мост. Тој бил уапсен во јуни минатата година.
Диверзантот бил осуден за предизвикување пожар во канцеларија за регрутација во Симферопол, регионалниот главен град на Крим, и за подготовка за уништување на железнички мост.
При претрес во неговиот дом била запленета граната РГД-5, а истражителите пронашле и телефон со фотографии од железнички мостови на полуостровот како и тетратка со рачно нацртана мапа на скриен арсенал со оружје, противтенковска мина и детонатор.
Откако Москва ја почна својата воена кампања во Украина во февруари 2022 година, имаше неколку обиди за саботажа на бази на руската армија, регрутни канцеларии и на железнички пруги кои се користат како линии за снабдување на руската армија.
Директорот на ФСБ Александар Бортников ги обвини Украина и западните сили дека ги поттикнуваат Русите на вооружен бунт. Бортников истакна дека од февруари минатата година во Русија се спречени 118 терористички дела.
И рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните безбедносни служби дека се вмешани во терористички напади во Русија.