7.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Напаѓачот на штипскиот градоначалник е негов сопартиец со кој во 2020 упаднаа на прес конференција на Заев?

Во полицијата во Штип актуелниот градоначалник Иван Јорданов пријавил вработен во општината Ј.М. за упатени закани, воедно и за уништени гуми на неговото возило. Пријавата ја потврдија и од СВР Штип.

Јорданов за „Макфакс“ го потврди настанот, додавајќи дека заканите му биле упатени од лице кое имало желба да биде назначено за командир во противпожарната единица.

– Станува збор за нереализирана лична амбиција, тоа е причината поради која тргна целата оваа работа. Заканите кои што беа вербално упатувани кон мене и трети лица, не сум одлучувал досега да ги пријавувам, бидејќи мислев дека ќе помине и заврши. Ескалираше ситуацијата. Возилото со кое одам на пат во Скопје или на други подалечни дестинации го користам, а не е во моја сопственост, наменски се избушени гумите за да прати порака“, посочува градоначалникот на Штип за „Макфакс“.

Сепак, според неофицијалните информации, лицето кое е пријавено е сопартиец на градоначалникот Јорданов во ВМРО-ДПМНЕ, а локалците велат дека во минатото ја извршувало функцијата командир во противпожарната единица, кога на чело на општината бил Илчо Захариев, исто така од ВМРО-ДПМНЕ.

На социјалните мрежи се забележуваат фотографии од него на партиски активности на ВМРО-ДПМНЕ, но и од периодот на кампањата за предвремените локални избори во Штип, кога победи доктор Сашко Николов од СДСМ.

Тогаш, сегашниот градоначалник Јорданов “се прослави” во својство на пратеник упаѓајќи на прес конференција на Зоран Заев за време на кампањските активности. Во тие моменти, според фотографиите, до него стои рамо до рамо истото лице кое сега е пријавено за нападот.

Пратеникот Јорданов, заедно со лицето за кое се зборува дека сега е пријавено во полицијата, на вонредните локални избори во градот во 2020 година „упадна“ кога прашања требаше да поставуваат новинарите на што Заев му рече дека ова е простор за новинарите. Пратеникот инсистираше и рече дека и тој има право да постави прашања поради легитимитетот кој му го дал народот и како граѓанин на Штип. Заев потоа рече дека ова е демократија и му одговори на поставените прашања.

Спонзорирано: