Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Германски министер се закани: Ќе го уапсиме Путин ако стапне во Германија

Ќе го уапсиме претседателот на Русија, Владимир Путин, доколку дојде во Германија, изјави германскиот министер за правда Марко Бушман за весникот Цајт.

„Очекувам дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) наскоро ќе стапи во контакт со Интерпол, како и со земјите-членки, и ќе побара од нив да ја спроведат (наредбата). Тогаш Германија ќе има обврска да го уапси претседателот Владимир Путин кога ќе пристигне на германска територија и да го предаде пред Меѓународниот кривичен суд“, рече германскиот министер.

Тој додаде дека барањата на Меѓународниот кривичен суд ќе бидат спроведени доколку „Путин стапне на територијата на Германија“, бидејќи Германија ја признава јурисдикцијата на судот.

Претходниот совет на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, чија јурисдикција Русија не ја признава, претходно издаде „налог за апсење“ за рускиот претседател Владимир Путин и детскиот правобранител Марија Лавов-Белова.

Во соопштението на судот се наведува дека Путин е „ одговорен за воено злосторство, илегална депортација на населението (децата) и незаконско преселување на населението од окупираните територии на Украина во Руската Федерација“.

Американскиот претседател Џозеф Бајден одлуката на МКС ја нарече „оправдана“.

Истовремено, тој нагласи дека самите САД не ја признаваат јурисдикцијата на овој суд, но дека во случајот со руското раководство аргументацијата на судот е „сосема издржана“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова оцени дека сите одлуки на Меѓународниот кривичен суд за Русија се ништовни од правен аспект.