18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Јутјуб“ го врати каналот на Трамп

„Јутјуб“ повторно го активираше профилот на Доналд Трамп по двегодишната суспензија од платформата за споделување видео.

Овој потег уследи по сличните одлуки што ги донесе „Мета“ – компанијата сопственик на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ – и „Твитер“ во сопственост на Илон Маск.

На поранешниот американски претседател му беше забрането да објавува видеа на „Јутјуб“ во јануари 2021 година. Веб-платформата тогаш соопшти дека неговиот канал ги прекршил правилата против поттикнување насилство.

Но, неговиот профил сега е повторно онлајн, се наведува во прес-профилот на „Јутјуб“.

„Почнувајќи од денес, каналот на Доналд Џеј Трамп повеќе не е ограничен и може да поставува нови содржини,“ твитна веб-платформата во сопственост на „Гугл“.

„Внимателно го проценивме континуираниот ризик од насилство во реалниот свет, притоа балансирајќи ја можноста гласачите подеднакво да слушнат од главните национални кандидати во пресрет на изборите,“ се наведува во твитот.

„Овој канал и понатаму ќе подлежи на нашите политики, исто како и секој друг канал на ‘Јутјуб’.“

„Јутјуб“ претходно му забрани на Трамп да објавува видеа неколку дена откако неговите поддржувачи упаднаа во американскиот Капитол во Вашингтон, на 6 јануари 2021 година.

Стотици демонстранти влегоа во комплексот додека Конгресот се обидуваше да ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори.

По немирите, сметките на Трамп на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“ исто така беа суспендирани.

Но, минатата година Трамп најави дека ќе се кандидира за претседател на САД во 2024 година и оттогаш неговите профили на сите овие платформи се вратија.

Тој има над 2.6 милиони претплатници на „Јутјуб“, заедно со неговите 87 милиони следачи на „Твитер“, 34 милиони на „Фејсбук“ и 23 милиони на „Инстаграм“.

Во петокот, тој се огласи на „Фејсбук“ за првпат по повеќе од две години, со кусо видео од неговиот победнички говор во 2016 година и порака: I’AM BACK! („Сe вратив“).

Спонзорирано: