Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СветВо тренд...

Украина: Путин почна да испраќа и жени во војната

Русија почнала да испраќа жени на фронтот во Украина, тврди украинската војска.

Поради големите загуби на фронтот, претседателот Владимир Путин „морал да бара алтернатива“ за да ги пополни редовите, додаваат Украинците, пренесува „Дејли мејл“.

„Минатата недела воз со резервирани места за затвореници се движеше кон регионот на Донецк. Еден вагон беше за жени“, велат тие.

Оваа недела се појавија непроверени извештаи дека Русија префрлила осуденички од Кушчевка во регионот Краснодар, кој е поблиску до воената зона. Овде некои затворенички, ослободени според шемата поврзана со воените напори, биле распоредени да работат на полињата, како и во оранжерии и амбари, веројатно назначени да ја снабдуваат војската.

Олга Романова од фондацијата „Русите зад решетки“ смета дека 100-ина жени биле испратени во Украина. Машките затвореници беа регрутирани во Русија, десетици илјади од нив, и им беше кажано дека казната ќе им биде укината ако отидат на фронтот и преживеат шест месеци.

Медиумите објавија како убијци, силувачи и многубројни криминалци отишле на фронтот и дека повеќето од нив ѝ се приклучиле на озлогласената група „Вагнер“.

Шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, минатиот месец изјави дека неговата група повеќе нема да регрутира затвореници да се борат во Украина, но не даде објаснување за одлуката. Наводно, сега има докази дека руското Министерство за одбрана директно ги повлекува осудениците.

Минатиот месец украинскиот Генералштаб соопшти дека Русија активно „се обидува да регрутира осудени жени да учествуваат во воените дејства“. Така тие „треба да ги надоместат загубите во работната сила“.