15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

НСЕИ едногласно ги усвои препораките на ИДУЕП од Анализата „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат вештини денес“

Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) на својата деветта седница ја разгледа Анализата „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат знаења и вештини денес” изработена од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Седницата ја предводеше претседателот на НСЕИ, пратеникот Александар Николовски, а со свои дискусии и сугестии учествуваа: Гордана Сиљановска-Давкова, пратеничка и членка на НСЕИ; Фиснике Бектеши-Шаќири и Здравко Трајанов, пратеници и заменици-членови на Советот, Миќо Стојаноски, претставник од Сојузот на синдикати на Македонија, како и пратениците Бојан Стојаноски и Санела Шкријељ.

Анализата со заклучоците пред Националниот совет ја презентираше Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, кој информираше дека Проектот бил спроведен од март до декември 2022 година со учество од над 30 младински организации, со цел подигнување на јавната свест за проблемот со младинската невработеност, утврдување на пречките кои постојат на пазарот на труд, олеснување на вклучување на младите на пазарот на труд преку поголемо јавно говорење и застапеност на темата за младинска (не)вработеност во јавноста, како и утврдување на клучни мерки преку заклучоци и препораки за долгорочни ефекти и најдобри резултати при младинското вработување.

Учесниците во дискусијата се осврнаа на прашања кои се однесуваа на селективност на институциите во управувањето со младинските политики, проблемот со иселувањето на младите, операционализација на плановите за реализирање на приоритетите на младите, можности за уредување на младинските политиките по примерот на високо развиените земји, ревидирање на Законот за работни односи во однос на прашања поврзани со младите, креирање на стратешки пристап за вработувањата, деполитизација на процесот на вработување, воспоставување мерит систем при вработување и издвојување на поголем државен буџет за науката и образованието.

Во текот на двочасовната расправа, беа отворени прашања и изнесени мислења за предизвиците за младите во поглед на невработеноста, реформата на образовниот систем, потребата за спроведување на ветинг во образованието и надворешна реакредитација на образовните институции во земјата. Беше покренато прашањето и за потребата за формализирање на Клубот на младински прашања и политики во Деловникот за работа на Собранието.

На седницата на НСЕИ присуствуваа и Н.Е. Биби Грамсон, заменик-амбасадорка на Кралството Шведска, земја актуелен претседавач со Советот на Европската Унија (ЕУ) и Марина Курте, советничка за правни прашања и евроинтеграции како претставничка од Делегацијата на Европската Унија во земјата.

На крајот на седницата, Националниот совет за евроинтеграции едногласно одлучи анализата на ИДУЕП со заклучоците и препораките, заедно со стенографските белешки од Деветтата седница на Советот, да се достават до Владата за нејзино информирање и натамошно постапување.

Анализата „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат вештини и знаења денес“ е изработена во рамки на истоимениот проект кој се имплементира од страна на ИДУЕП, кој е финансиран од страна на Европската Унија, а субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и 3 партнерски организации од регионот.

 

Линк до Анализата: https://iduep.org.mk/2023/02/22/analiza-na-iduep-so-preporaki-shto-sakaat-mladite-profesiite-na-idninata-baraat-znaena-i-veshtini-denes/

Спонзорирано: